Дурловски: Ќе и’ се оддолжам на татковината од која сум проникнал!

Да, кон мене имаше неправди, погрешни проценки и судови, но и покрај се, Македонија била и ќе остане моја земја и мој единствен избор. Оттаму, целиот мој фокус и енергија се насочени кон времето што доаѓа и новите предизвици кои нѐ очекуваат сите нас, кои својата иднина ја гледаме на ова парче земја, вели Дурловски.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа едногласно ја усвои листата на кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија. Носител на листа во петата изборна единица е познатиот македонски оперскиот пеач Игор Дурловски.

Човек кој зад себе има бројни меѓународни признанија од областа на оперската музика, но и човек кој меѓу народот важи за вистински и искрен патриот.

За мотивот на неговиот политички ангажман, Дурловски во интервју за „Нетпрес“ вели дека единствено го води чувството на љубов и долг кон својот народ.

По синоќешниот Централен комитет ВМРО ДПМНЕ, веќе и официјално е познато дека сте носител на пратеничката листа на оваа партија во петтата изборна единица. Како го доживувате ваквиот ангажман и како вие, како уметник би се снашле во политичка кампања, а потоа и во улога на политичар?

 Укажаната доверба ја доживувам како голема чест и предизвик. Можност да дадам свој придонес, да и се оддолжам на татковината од која сум проникнал. Тоа е мотивот за мојата идна политичка активност. Чувството на љубов и долг кон својот народ. Во овие околности мислам дека можам и морам да помогнам со свој личен ангажман. И подготвен сум тоа да го направам, со сите потешкотии што ме очекуваат, затоа што сум нераскинлив дел од колективната судбина на својата земја. Што се однесува, пак,  до снаоѓањето во политиката како уметник, можам само да забележам дека кај нас се прави преголема и непотребна мистификација на таа тема. И во минатото, и во сегашноста, ширум светот, има многубројни примери на уметници или културни дејци кои активно се вклучиле во политичкиот живот на своите земји. И најчесто, токму тие луѓе се водени од чисти патриотски мотиви и несебичен порив позитивно да придонесат и да возвратат на општествената заедница. 

Што мислите за тоа што партијата на власт, СДСМ, за свое себепромовирање го користи токму одрекувањето од името и другите национални обележја, како и „придобивките” што од тоа уследија?

Веќе сум рекол и ќе повторам пак, јас немам ништо против евроатлантските интеграции. Напротив, сметам дека тие се исклучително корисни и потребни. Но, уште попотребна е вешта македонска дипломатија која ќе знае како достоинствено да не донесе до саканата цел. Предизвикот е голем, но ако се слуша сопствениот народ, тоа не е невозможно. Впрочем, дури и ако ги погледнете промотивните материјали на нашиот политички опонент кој го промени името на земјава, ќе забележите нагласена употреба токму на името Македонија, без никакви придавки. Ваквото поигрување со чувствата на македонскиот народ е само обид за умилкување во пресрет на изборниот процес.

Кога ќе се каже името Игор Дурловски, надоаѓаат различни асоцијации. Од врвен уметник, интернационално признаен оперски пеач, патриот, до осомничен, притворен а потоа и ослободен  за делото тероризам. После се’ низ што поминавте, да можете да се вратите некоја година наназад, би се вратиле ли воопшто во Македонија или би останале да живеете мирен и удобен живот во Германија заедно со семејството?

Воопшто не жалам што се вратив во татковината, иако тоа реално ми донесе многу непријатности на мене и на моите најблиски. Од денешна дистанца, на сите тие случувања гледам како на искушенија и потешкотии кои мораа да се надминат. А за тоа понекогаш се потребни и лични жртвувања. Најважно е да не прифатиме пасивност и себичност  како начин на однесување. Да, кон мене имаше неправди, погрешни проценки и судови, но и покрај се, Македонија била и ќе остане моја земја и мој единствен избор. Оттаму, целиот мој фокус и енергија се насочени кон времето што доаѓа и новите предизвици кои нѐ очекуваат сите нас, кои својата иднина ја гледаме на ова парче земја. 

Низ својата успешна уметничка кариера присутен сте долго време на сцените ширум Европа и светот. Какви разлики и специфичности гледате во функционирањето на културниот живот таму и кај нас? Дали мислите дека нашата култура има можност да го фати чекорот со европските трендови и што е потребно за тоа да се случи?

Токму во сферата на културата и уметноста ја гледам најдобрата шанса за позитивна промоција и афирмација на Македонија во светот. Нашиот потенцијал во овие области е огромен – имаме богато духовно, културно и уметничко вековно наследство, но и прекрасни талентирани автори, уметници и дејци од сегашноста. Она што недостасува е подобра институционална организација и, би рекол, посериозна заинтересираност на државата за културниот живот. Постојано да ги подобруваат условите за работа, да го препознаат и соодветно да го вреднуваат трудот и квалитетот на луѓето кои се активни во овие области, да ги подигнат стандардите на едно европско ниво. Во секоја земја постои опасност од бирократско гушење на културата и уметноста, но постојат начини, концепти, како тоа да се надмине. Можеме да учиме од примерите на развиените светски култури и да ги примениме нивните искуства, прилагодувајќи ги, се разбира, кон нашите специфични услови и потреби.

Што, според вас, ќе се случува со Македонија после 12-ти април?

Јас знам дека не сум сам во борбата за враќање на достоинството на мојата земја. Во мојот народ никогаш не престанав да верувам! На овој датум очекувам победа, а после него засилена работа во секоја сфера од општественото живеење. Потребен ни е напредок во економијата, во образованието, во здравството, во културата за која сум најкомпетентен да зборувам, потребно ни е издигнување на секое поле. Верувам дека доаѓа период во кој искусни професионалци ќе работат на подобрувањето на условите за живеење за секој македонски граѓанин. Дека во својата земја ќе се чувствуваме сигурно, гордо и достоинствено. Верувам дека македонскиот народ ќе опстане и уште долго ќе се поздравуваме со „Да живее Македонија!”