Дутерте во историска посета на Израел

248

Контроверзниот за Западот филипински претседател Родриго Дутерте ја започна во неделата вечерта историската посета на Израел која е одраз на неговата желба да ја намали воената зависноста на земјата од традиционалниот американски сојузник.

Станува збор за четиридневна посета која е прва на некој филипински претседател по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји пред 60 години. Филипини, инаку, во минатото прифатиле илјадници Евреи кои бегале од холокаустот.

Израелската јавност со големо внимание ќе ја следи посетата на 73-годишниот Родруго Дутерте кој е цел на критики од Западот поради неговата бескрупулозна војна против дрогите, во којашто во ткн вонсудски постапки односно полициски акции против дилери, криумчари и државни службеници на разни нивоа вмешани во оваа нелегална трговија се убиени илјадници луѓе. Меѓутоа, во Израел особено внимание предизвика неговото своевремено споредување со нацистичкиот фирер Адолф Хитлер.

Филипинскиот претседател пристигна следен од бројна делегација, а на меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ крај Тел Авив го пречека израелскиот министер за комуникации Ајооб Кара. Потоа Дутерте замина во Ерусалим каде што ќе учествува на средбите со припадниците на бројната заедница на Филипинците кои работат во Израел.

Во понеделникот е предвидена средба со премиерот Бенјамин Нетанјаху, а во среда Дутерте ќе отпатува во соседен Јордан.

Во соопштенето на израелското министерство за надворешни работи се наведува дека оваа посета за Израел е од особена важност, затоа што ги симболизира „силните и блиски“ односи меѓу двата народа.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.