Двајца американски платеници исчезнале на истокот на Украина

Двајца американски државјани кои дошле во Украина да се борат против проруските сепаратистички сили на истокот на земјата веќе со седмици се водат како исчезнати и се стравува дека можеби се заробени, соопштија нивните семејства.

Александер Друек, на 39 години, и 27-годишниот Енди Хајн од американската сојузна држава Алабама последен пат контактирале со своите семејства на 8-ми јуни и не се вратиле од мисијата во областа на Харков.

Извештаите дека биле заробени од проруските сили на истокот на Украина не се потврдени, соопштија семејствата и портпаролот на американскиот Стејт департмент.

„Тоа што го знаеме официјално во овој момент од Стејт департментот е дека Енди и Алекс исчезнале. Немаме потврда за ништо повеќе од тоа. Колку подолго трае потрагата, толку појасно почнуваме да разгледуваме други можности“, изјавила телефонски за Reuters Џој Блек, којашто се претставила како вереница на Енди.

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, одговорила дека САД не ја контактирале Русија во врска со извештаите за американските платеници во Украина.

„Немам таква информација, проверувам секој ден и денеска ќе проверам. Јавно објавуваме информации за судбината на притворените платеници или за оние на коишто им се суди“, изјавила Захарова за агенцијата РИА:

Руското министерство за одбрана веднаш не дало одговор на барање на агенцијата Reuters.