Двајца цивили загинале во израелски напад врз Дамаск

Во израелски воздушен напад чија цел била област во близина на сирискиот главен град Дамаск, загинаа двајца цивили, а забележана е „одредена материјална штета“, објавија во вторникот сириските државни медиуми, цитирајќи воен извор.

Сириската противвоздушна одбрана пресретнала ракети лансирани од Израел во 00:15 часот од Голанската висорамнина и „собори повеќето од нив“, додал изворот на сириската новинска агенција SANA.

Израелската армија одбила да коментира, според Reuters.

Нападот уследи по друг наводен израелски напад врз главниот град на Сирија во петокот, во кој, наводно, биле убиени пет советници на иранската Револуционерна гарда.

Во неделата вечерта Сирија го обвини Израел за воздушен напад, третпат во последните четири дена. Според сириските државни медиуми, нападот се случил во областа Хомс и како одговор биле активирани системи за воздушна одбрана, пресретнувајќи некои од проектилите.

Исто така во неделата, израелските армиски хеликоптери и борбени авиони соборија беспилотно летало кое навлезе на израелска територија од Сирија, соопштија израелските одбранбени сили, објавувајќи следното утро дека леталото е лоцирано и однесено на испитување.

Израел изминатите години изведе стотици воздушни удари во Сирија гаѓајќи позиции на владините сили и на сојузничките шиитски милиции од Либан, Ирак и Иран, во прв ред на либански Хезболах. Меѓутоа, израелската војска никогаш, или многу ретко, ги потврдува таквите напади.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.