Двајца кинески инженери од „Синохидро“ пристигнаа во државава, тие се без симтоми на коронавирус и се под здравствен надзор

Двајца инженери од Кина кои се меѓу работно ангажираните лица од кинеската компанија „Синохидро“ за градежните работи на автопатот Кичево – Охрид, пристигнаа вчера во државава и се ставени под здравствен надзор од 14 дена во соба за изолација. За периодот од 14 дена додека биле во самоизолација во Кина овие лица немале никакви знаци на клиничка симптоматологија, изјави денеска епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

– Со заштитна опрема заедно со двајца лаборанти од Одделението за вирусологија ги пречекавме двете лица на аеродромот во Скопје. Постапивме согласно сите критериуми за спроведување епидемиолошки надзор. Разговаравме за нивната здравствена состојба. Согласно протоколите, двете лица се ставени под здравствен надзор од 14 дена во соба во соодветна барака за изолација во кичевското село Извор, истакна д-р Караџовски.

Тој посочи дека сите лица кои ќе пристигнуваат од Кина, ќе бидат спроведени во соба за изолација и ќе им се земат соодветни материјали за микробиолошки анализи и брисеви, врз основа на кои ќе се дијагностицира евентуално присуство на коронавирус и ќе бидат поставени во 14-дневен надзор согласно законските регулативи и прописи.

Караџовски додаде дека се очекува идната недела во државава да пристигнуваат и други работно ангажирани лица од „Синохидро“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.