Двајца млади убиени и 14 ранети на забава во САД

Момче и девојка се убиени, а уште четиринаесет други лица се ранети ноќта кон саботата во пукање на забава која се одржувала во време на пандемијата на коронавирусот во американската сојузна држава Њујорк, соопшти полицијата.

„Имаме вкупно 16 жртви од пукањето, две од нив, за жал, им подлегнаа на повредеите“, изјави полицискиот началник Марк Симонс, обраќајќи им се на новинарите во близина на местото на злосторството во Рочестер.

Убиеното момче и девојката имале 18 односно 22 години, а четиринаесетте ранети не биле животно загрозени, додал Симонс.

Полицајците кои интервенирале на местото на настанот наишле на „хаотичен призор“ во кој стотици лица панично бегале на сите страни. Забавата била организирана во екот на епидемијата на коронавирусот во двор од приватна куќа, додале од полицијата.

Засега нема уапсени за пукањето и не се познати точните околности на овој инцидент кој се случил малку по полноќ по локално време, додал Симонс. Според него, сѐ уште не може да се каже дали во пукањето учествувало едно или повеќе лица и дали некои лица биле мета на напад.

Овој инцидент доаѓа во моментот кога полицијата на Рочестер е под жестоки критики и ангажирана во повеќедневните протести во последните две седмици по задушувањето на афроамериканецот Даниел Пруд. Инаку, и началникот на рочестерската полиција Симонс, и повеќето негови соработници, исто така, се афроамериканци.