Двајца мртви во судирите на границата меѓу Ерменија и Азербејџан

EPA/VAHRAM BAGHDASARYAN / PHOTOLURE

Ерменија и Азербејџан во неделата меѓусебно се обвинуваат дека започнале воени напади на границата во коишто, како што тврди Баку, животите ги загубиле две лица на азербејџанската страна од граничната линија а уште пет други се ранети.

„Вооружените сили на Ерменија започнаа офанзива, помогната од артилеријата. По контранападот, се повлекоа со загуби. Два азербејџански војници загинаа а пет се ранети“, се наведува во соопштението на азербејџанското министерство за одбрана.

Азербејџан појаснува дека судирот се случи околу пладне во неделата, во регионот Тавуш на севеористокот од Ерменија. Официјален Ереван, пак, го обвинува Баку за артилериски напад чијашто цел била да се заземат позиции кои во граничната област ги држи ерменската војска.

„Азербејџанските војници се отфрлени и имаа човечки загуби. Нема жртви на ерменска страна“, изјави портпаролот на ерменското министерство за одбрана Сушан Степанјан, во објавата на Facebook.

Ерменија и Азербејџан се во судир повеќе од 30 години за контрола над регионот Нагорно Карабах. Меѓутоа, неделниот судир се случил далеку од спортниот регион.

Енклавата во која мнозински живеат Ерменци е присоединета на Азербејџан во 1921 година во Советскиот сојуз, од кога произлегуваат многу спорови меѓу денешните независни земји, како што е и оној со присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим кој во 1954 година е одземен од Руската советска републија и присоединет на Украинската советска република, а во 1990-те години од властите во Киев му беше укинат и автономниот статус. Регионот Нагорно Карабах, пак, уште во 1988 година како автономна област објави истапување од тогашната Советска азарбејџанска република и еднострано прогласи независност од Азербејџан, слично на Косово. Следеше војната од 1992 година и примирјето од 1994 година. Од тогаш се водат преговори со посредништво на меѓународни претставници од ткн Минска група на ОБСЕ, со кои копретседаваат Русија, Франција и САД.