Двајца турски војници загинале во Сирија

Двајца турски војници загинаа а уште шестмина се ранети во северозападната ситиска покраина Идлиб, објави во средата министерството за одбрана на Турција.

„Како резултат на гранатирањето на нашата војска од страна на режимот (владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад) во областа на спроведување на операцијата ‘Пролетен штит’ двајца наши војници загинаа, а уште шест војници беа ранети“, се наведува во соопштението без да се наведуваат други поединости.

Турција од минатата година изведува воена операција на сириска територија во обидот да ги истисне единиците на сириските Курди од заедничката граница, а последниот период испрати илјадници војници и камиони со опрема за да им помогне на бунтовиците.

Меѓутоа, силите на владата во Дамаск продолжуваат со напредувањето. Минатата седмица на југот од Идлиб заземаа неколку села. Целта е градот Кафар Авид, со чиешто заземање би ги принудиле бунтовнциите да се повлечат од пошироката зона, вклучително и од нивното последно упориште во соседната покраина Хама.

Трускиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на 5-ти февруари првпат побара од сириските сили да се повлечат зад линиите на турските набљудувачки пунктови до крајот на февруари, заканувајќи дека во спротивно турските сили ќе ги потиснат. Турција има поставено 12 набљудувачки точки околу зоната на деескалација во Идлиб, според договорот од 2017 година со Русија и Иран, но некои сега се наоѓаат зад линиите кои ги држат сириските сили.

Ситуацијата во сириската покраина Идлиб, каде што се присутни турските сили, ескалираше на 27-ми феврураир, кога според рускиот Центар за помирување на завојуваните страни во Сирија и руското министерство за одбрана, милитантите кои ги поддржува Анкара преземале голема офанзива. Владините сили со жесток артилериски оган го одбиле нападот, но притоа загинале 36 турски војници, кои според руската страна се наоѓале на позиција која не ја пријавила Турција.

Истиот ден Турција всушност ја започна четвртата воена операција во соседна Сирија под називот „Пролетен штит“, чијашто цел се силите и воените објекти на сириската владина војска. Турција претходно изведе три воени операции на сириска територија на кои остро се спротистави Дамаск, а беа насочени против силите на сириските Курди: „Штитот на Еуфрат“, „Маслиново гранче“ и „Извор на мирот“. Како резултат на овие операции, беше создадена тампон зона меѓу пограничните градови Аазаз и Џараблус, заземен беше градот Афран, како и територии источно од реката Еуфрат.