Двајца убиени и седум ранети во израелски воздушен напад врз Сирија

Двајца сириски војници се загинати а уште седум други се ранети и предизвикана е материјална штета во израелски воздушен напад во предградие на сириската престолнина Дамаск, соопшти ноќта кон вторникот сириската новинска агенција SANA.

Воен извор за SANA рекол дека сириската противвоздушна одбрана ги пресретнала повеќето проектили истрелани од правецот на Голанската висорамнина кон воени цели во јужното предградие Касва.

Израелскиот воен портпарол за агенцијата Reuters рекол дека не ги коментира извештаите на сириските државни медиуми за израелските напади. Истиот одговор дека израелската војска не коментира „пишувања на странски медиуми“ го добила и агенцијата РИА.

Израел вообичаено не ги потврдува, или тоа го прави многу ретко, воздушните напад на сириска територија. Претходно во август израелските авиони нападнаа цели во Сирија, што беше претставено како одмазда за наводен обид да се бомбардира првата линија на окупираната од израелската војска Голанска висорамнина меѓу двете земји, што за Тел Авив бил непријателски акт.

Израел всушност е загрижен за присуството на Иран и либанското шиитско движење Хезболах во Сирија како поддршка на претседателот Башар ал-Асад во граѓанската војна. Тел Авив како стратешка закана го доживува тоа што борците на Хезболах во сирискиот конфликт добиваат борбено искуство што може да го искористат во некој иден можен конфликт со Израел.