Двајца убиени со нож во исмаилистички центар во Лисабон

Најмалку две лица се убиени во вторникот во напад со нож во исмаилистичкиот центар во Лисабон, соопшти португалската полиција.

Телевизискиот канал CNN Portugal објави дека осомничениот сторител на нападот, авганистански државјанин вооружен со голем нож, бил застрелан и притворен. Напаѓачот бил ранет откако одбил да го положи оружјето и со ножот се упатил кон полицајците. Потоа му се ставени „лисици“ и е префрлен во болница.

Португалската полиција сѐ уште не ја потврди официјално националната припадност на осомничениот.

Премиерот Антонио Кошта изјави во врска со нападот дека сите факти упатуваат на тоа дека станува збор за „изолиран чин“, додавајќи дека е прерано за да може да се кажат повеќе детали.

Исмаилитите се малцинска струја во шиитскиот ислам, чиишто припадници се често напаѓани од страна на екстремните сунити, како што е примерот во Пакистан. Исмаилитската заедница во Португалија е една од најголемите во континентална Европа, има илјадници припадници, меѓу кои мноштво се беглаци од Мозамбик во текот на тамошната граѓанска војна.

Принцот Карим Ага Кан, духовниот водач на светските исмаилисти, го отвори центарот во Лисабон во 1998 година, во кој има сали за молитва, училници, простории за состаноци и изложбени простори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.