Двајца убиени во пресметка меѓу мигранти во БиХ

Двајца мажи се убиени во пресметка меѓу нелегалните имигранти кај Цазин во северозападниот дел од Босна и Херцеговина, потврдија вечертa во четвртокот локалните власти.

Мигрантите се судриле кај село во близина на границата со Хрватска, а полициајта била известена од локален жител. Портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Унско-санската жупанија, Але Шиљдедиќ, потврдил дека полициската патрола е испратена на местото на настанот и наишла на две машки тела кои не давале знаци на живот.

„На телата имале видливи повреди нанесени од ладно оружје“, додал Шиљдедиќ. Рекол и дека во овој судир поголем број мигранти се повредени.

Жупанискиот министер за внатрешни работи, Нермин Кљајиќ, изјавил дека во споменатата област на БиХ имаат сѐ поголеми проблеми со мигрантите кои почнуваат сѐ помасовно да пристигнуваат.

„Последните денови забележливо е дека голем број мигранти доаѓаат од Република Српска. Многу од нив се наоѓаат во шумите, а има и повеќе од 30 подигнати шатори. Само во подрачјето на Тржич се наоѓаат околу 500 мигранти“, изјавил Кљајиќ кого го цитира порталот на весникот Dnevni avaz.