Двајца загинати во првиот смртоносен напад на Хутите врз бродови во Црвеното Море

Двајца морнари беа убиени во напад на борците на јеменското хутистичко движење врз трговски брод во Црвеното Море во средата, соопштија британските и американските официјални лица, што се први смртни случаи откако шиитската проиранската бунтовничка група во Јемен започна напади врз бродови кои се поврзани со Израел а подоцна и со САД и Велика Британија на една од најфреквентните поморски рути.

Хутистите ја преземаа одговорноста за нападот во кој е запален грчкиот брод „True Confidence“ кој пловел под знамето на Барбадос на околу 50 наутички милји од пристанишниот град Аден.

„Најмалку двајца невини морнари загинаа. Ова е за жалење, но (тоа е) неизбежна последица од непромисленото лансирање ракети од Хутите против меѓународниот брод. Тие мора да престанат. Испраќаме длабоко сочувство до семејствата на загинатите и ранетите“, напиша британската амбасада на X.

Висок американски функционер, исто така, за Reuters ја потврди смртта на двајцата морнари.

Хутите од ноември напаѓаат бродови во Црвеното Море кои и покрај нивното предупредување пловат кон Израел или се поврзани со израелски интереси, во знак на солидарност со Палестинците откако избувна војната во Појасот Газа.

Велика Британија и Соединетите држави веќе два месеца вршат одмазднички напади против Хутите, а последните смртни случаи би можеле да поттикнат уште пожестоки воени дејствија.

Грчката бродарска компанија сопственик на бродот објави дека тој бил погоден и запален на приближно 50 наутички милји југозападно од јеменското пристаниште Аден и дека плута на површината. Додава дека сѐ уште нема информации за состојбата на 20-те членови на екипажот и тројца чувари, меѓу кои има 15 Филипинци, четворица Виетнамци, двајца државјани на Шри Ланка, еден Индиец и еден Непалец.