Двајца загинати во тропската бура во Јапонија, 130.000 домови се без струја

Во тропската бура која донесе обилни дождови низ Јапонија, две лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени, сообраќајот е парализиран додека илјадници домови останаа без електрична енергија, соопштија денеска властите.

Јапонската метеоролошка агенција извести дека бурата го напуштила копното на Јапонија и се упатила кон Тихиот Океан во близина на северниот јапонски брег.
Нови штети беа пријавени во јужниот дел на Јапонија каде тајфунот Нанмадол удри во текот на викендот пред да ослабне додека се движеше кон север.

На островот Танегашима, јужно од островот Кјушу, оштетен е ѕидот на вселенскиот центар на Агенцијата за воздухопловство и истражување, соопшти Министерството за економија и индустрија. Се проценува степенот на штетата на објектот каде што се склопуваат ракетите.

Двајца загинати вчера беа пријавени поради интензивирање на невремето во префектурата Мијазаки на главниот јужен остров Кјушу, соопшти Агенцијата за управување со пожари и катастрофи.

Едниот маж бил пронајден во потопен автомобил на фарма, а другиот под одрон. Повеќето жители беа полесно повредени. Над 130.000 домови, главно во областа на островот Кјушу, и денеска се без струја, соопшти Министерството за економија и индустрија.

Сообраќајот денеска главно се нормализира бидејќи луѓето се вратија на работа по продолжениот викенд. Брзите возови и најголемиот дел од копнениот сообраќај продолжија да сообраќаат, но десетици летови беа приземјени во североисточна Јапонија.