Два дена пред изборите во Германија целосна неизвесност околу исходот

Германците по долго време повторно излегуваат на избори чијшто исход е целосно неизвесен, во неделата се очекува тесна борба за првото место меѓу христијанските демократи и социјалдемократите, а потоа уште понеизвесното формирање на владејачката коалиција по изборите.

Ако сѐ до доаѓањето на канцеларската должност на Ангела Меркел во 2005 година на сите подоцнежни избори беше јасно дека демохристијанската унија на нејзината Христијанско-демократската унија и баварската Христијанско-социјална унија (CDU/CSU) ќе излеза како победник, годинешниве избори на две седмици пред отворањето на избирачките места се потполно неизвести во поглед на резултатите.

И покрај тоа што веќе неколу седмици Социјалдемократската партија на Германија (SPD) со ткн „шпицен“ односно кандидат за канцелар Олаф Шолц во сите испитувања на јавното мнение води пред Унијата CDU/CSU и нејзиниот кандидат Армин Лашет, туку сега е извесно дека ниедна партија којашто вообичаено освојува најмногу гласови нема да има доволно големо мнозинство за формирање влада со само еден коалициски партнер.

 

Комплицирано формирањето на можните коалиции

Проблеми при формирање на следната германска влада единствено не се очекуваат доколку демохристијаните и социјалдемократите се одлучат и по осум години да ја продолжат ткн „гроко“ (големата коалиција). Меѓутоа, и во двата табора сѐ повеќе се противниците на таквата можност, кои сметаат дека падот на довербата на нивните партии кај гласачите се должи толку на ваквото коалицирање поради правењето компромиси.

Во текот на предизборната кампања и од двете најголеми партии навестуваа дека не стремат кон продолжување на големата коалиција, но исто такви најави имаше и пред четири години. Тогаш демохристијаните и социјалдемократите, по пропаднатите преговори меѓу демохристијаните, либералите и зелените, сепак, решија да влезат во заедничката коалиција. Повторното влегување во коалицијата со Унијата CDU/CSU во SPD тогаш доведе во раскол во паријата, која на вонредниот партиски конгрес само со тесно мнозинство се реши за повторно влегување во владата на Ангела Меркел, третата од доаѓањето на власт на демохристијанката пред 16 години.

Кога станува збор за третата најсилна партија, водечката кандидатка на Зелените, Аналена Бербок, речиси веќе и нема никакви шанси да стане канцеларка, додека нејзината партија ужива поддршка меѓу 14 и 17 отсто од гласовите. Но партијата, според сѐ судејќи, ќе игра клучна улога во формирњето на идната германска влада.

Доколку SPD победи на изборите во неделата, Зелените би можеле да влезат во владата со социјалдемократите и во комбинацијата со крајно левата партија Левици и со Либерално-демократската партија на Германија (FDP). Доколу, пак, победник биде Унијата CDU/CSU, Зелените повторно би можеле да влезат во тричлената коалиција со демохристијаните и лебералните демократи и би играле клучна улога.

 

Тежината на проблематичните партнери

Против коалицијата на социјалдемократите, зелените и либералите, поради партиските бои наречена и „семафор“ коалиција, зборува фактот дека челникот на либералите Кристијан Линднер повеќепати, последниот пат во четвртокот вечерта во последното телевизиски соочување на партиите, повтори дека Унијата CDU/CSU во секој случај им е помил коалициски партнер од SPD, а Армин Лашет е попосакуван канцелар од Олаф Шолц.

И коалицијата на SPD, Зелените и Левица има малку изгледи за реализација, во прв ред, поради некои радикални ставови во Левица, особено на надворешнополитички план. Левица во својата програма тежи кон конечно укинување на НАТО и се противи на воените активности на Германија во странство.

Покрај тоа, некои фракции во SPD со Левица сѐ уште имаат отворени прашања од минатото. Левица настана со спојување на партиите PDS, наследничка на комунистичката партија SED од поранешната Источна Германија, и движењето WASG, фракција од SPD која од матичната партија се одвои поради незадоволството од неолибералната политика на тогашниот социјалдемократски канцелар Герхард Шредер.

Поедини аналитичари ја наведуваат можноста за формирање малцинска влада меѓу SPD и Зелените со поддршка на Левица. Меѓутоа, против ваквата можност зборуваат фактите дека Германците не сакаат политички експерименти и дека со земјата никогаш не владеела малцинска влада.

Покрај сето тоа, само едно е сигурно, дека со десната противдоселеничка и евроскептична партија Алтернатива за Германија (AfD) никој не сака да коалицира. Така, оваа партија којашто на минатите парламентарни избори направи голем пробив и првпат влезе во парламентот, има гарантирана опозициска позиција и во следниот 20-ти по ред состав на Бундестагот.

 

Многу новини на изборите

Покрај целосната неизвесност до самиот крај, овие германски избори се разликуваат од сите претходни и по ште еден момент. Првпат во повоената историја на Германија, актуелниот канцелар (канцеларка), повеќе не се кандидира. Ангела Меркел по 16 години на чело на земјата се повлекува од политичката сцена, што го најави пред речиси две години.

Ваквиот потег, според раширеното мислење, е поврзан во прв ред со мигрантската криза 2015/2016 година кога во земјата влегоа над милиони мигранти и бегалци, како и со растот на AfD кој ја турна Унијата CDU/CSU во криза од којашто досега не закрепна. Тоа беше особено видливо во изборот на кандидат на демохристијаните за канцелар. Изборот на крајот падна на претседателот на CDU, Армин Лашет, иако симпатите на гласачите на Унијата беа на страна на челникот на CSU, Маркус Зедер.

Има уште една новина на овие избори. Имено, поради големиот број избирачи кои гласале веќе по писмен пат, првите процени врз основа на излезните анкети, кои изминатите години многу прецизно ги предвидоа изборните резултати, годинава можеби нема да бидат толку прецизини како што најавуваат претставниците на институтите за испитување на јавното мнение.

Последните анкети од четвртокот вечерта дополнително ја засилуваат неизвесноста околу изборните резултати. Според истражувањето на Politbarometer на јавниот радиодифузен сервис ZDF, Унијата CDU/CSU ја намалила предноста на SPD на само два процентни поена, па 25 отсто од испитаниците се изјасниле за социјалдемократите, а 23 проценти за демохристијаните.

Меѓутоа, кога станува збор за канцеларската позиција, тука социјалдемократот Олаф Шолц, како што беше случај и последните седмици, има изразена предност пред демохристијанинот Армин Лашет. Шолц на должниоста канцелар сакаат да го видат 47 отсто од испитаниците, а Лашет само 20 отсто.

Уште еден аспект ги прави овие избори дополнително тензични и неизвесни до самиот крај. Според речиси сите анкети дури 25 отсто од оние кои одговориле за кого ќе гласаат изјавиле дека сѐ уште не се целосно сигурни дали во недела навистина ќе ја заокружаат партијата за којашто се изјасниле во анкетата.