Два симптома кај децата јасно може да го покажат присуството на вирусот

Високата температура, кашлицата и губењето или промените во сетилата за вкус и мирис се најчестите симптоми на корона вирусот, но истражување на британски научници од Универзитетот во Белфаст покажува дека дигестивните проблеми, односно нервозниот желудник, се главниот симптом на овој вирус кај децата.

-Проливот и повраќањето беа попрецизен индикатор отколку, на пример, кашлањето, па дури и промените во сетилата за вкус и мирис – објаснува Том Вотерфилд, автор на студијата.

Тој истакнува и дека со помош на досега препознаените симптоми на корона вирусот, заразата може прецизно да се утврди во 76 отсто од случаите на симптоматски деца, но кога ќе се додадат и проблемите со варењето, тогаш сигурноста на дијагнозата се качува до 97 отсто.

Студијата опфатила 990 деца на здравствени работници. Научниот тим открил дека 68 деца имале антитела на корона вирусот и дека ја прележале оваа болест. Сепак, само половина од нив имале симптоми на Ковид-19 и ја преболеле болеста.

Некои симптоми биле вообичаени: 31 отсто имале температура, 18 отсто главоболка, 19 отсто желудочни проблеми, дијареја, повраќање и грчеви. Кај децата што немале антитела, овие симптоми се појавиле во три отсто од случаите.

Губењето на апетитот е јасен симптом

Друг тим истражувачи од Лондон спровел студија на 250.000 деца и резултатите се поклопиле со претходното истражување. Сепак, оваа студија утврдила дека губењето на апетитот е многу попрецизен симптом на корона вирусот отколку кашлицата, која е почеста кај возрасните.

-Губењето на апетитот, кое е често и кај обичните вируси, е особено изразено кај децата, покрај проблемите со желудникот – објаснуваат научниците во студијата.

Затоа, тие истакнуваат дека фокусот на родителите мора да биде насочен кон следењето на проблемите со варењето и губењето на апетитот кај децата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.