Дваесет мртви во Индија од почетокот на протестите против законот за државјанство

Најмалку пет лица, меѓу кои и осумгодишно дете, загинале на северот на Индија во текот на протестите против новиот закон за државјанство, со што бројот на мртвите од почетокот на протестите минатата седмица се зголеми на дваесет, соопшти во саботата локалната полиција.

Четворица демонстранти им подлегнале на повредите задобиени во петокот во судирот со полицијата која отворила оган, изјавил во саботата портпаорлот на полицијата на индиската сојузна држава Утар Прадеш, Шириш Чандра.

Осумгодишно дете смртно настрадало во стампедото во текот на протестите во светиот град Варанаси во истата сојузна држава, рекол началникот на окружната полиција, Прабхакар Чаундари.

Протестите кои започнаа пред десет дена се најголемиот предизвик за хундуските националисти на премиерот Нарандра Моди од нивното доаѓање на власт во 2014 година.

Законот донесен минатата седмица го олеснува стекнувањето со индиско државјанство за беглаците од Авганистан, Пакистан и Бангладеш, со услов да не се муслимани. Неговите критичари го сметаат за дискриминаторски и спротивен на индискиот устав.

Спорениот закон не ги погаѓа индиските муслимани, но предизвикува загриженоста и гнев кај ова малцинство кое со 14 отсто е застапено во вкупното население од 1,3 милијарди луѓе,

Премиерот Моди свика за саботатата состанок на министерскиот кабинет на кој ќе се разговара за безбедносната состојба во земјата потресувана од насилните протести. Протестите продолжија и во саботата и покрај мерките кои ги презема владата, меѓу кои е и воведувањето полициски час.