Дваесетгодишен Бугарин извршил хакерски напад на даночната управа

Дваесетгодишен Бугарин, вработен во компанија за кибернетичка безбедност, е уапсен под сомнение дека е вмешан во хакерски напад врз даночната управа во кој се украдени лични и финансиски податоци на милиони даночни обврзници, објави во средата бугарското министерство за внатрешни работи.

Момчето, кого медиумите го идентификуваат како Кристијан, кој работел компанија која се занимава со заштита на информатичките системи од упади, бил уапсен во вторникот попладнето, ијави Јавор Колев, шеф на полицискиот оддел за кибернетичка безбедност. Додал дека истрагата сѐ уште трае и оти полицијата ја истражува можноста за вмешаност и на други лица.

Министерот за финансии на Бугарија, Владислав Горанов, им се извини во вторникот на даночните обврзници поради нападот врз серверите на даночната управа НАП.

Полицијата запленила лаптоп и други уреди од канцеларијата на осомничениот, како и од неговиот дом во Софија, на кои биле пронајдени шифрирани податоци, додал Колев.

„Го приведовме осомничениот. Неговата работа била тестирање на компјутерските системи и мрежи за да се спречат напади“, изјави Колев за телевизијта bTV.

Хакерскиот напад врз бугарската даночна управа се случил кон крајот на јуни и со него биле погодени околу 3 отсто од базата на податоците, потврдиле властите. Лице кое тврдело дека е „руски хакер“ ги контактирало локалните медиуми во понеделникот вечерта, нудејќи им пристап до украдените податоци.

Според бугарските медиуми, осомничениот и претходно изведувал хакерски напади врз државни институции. Така, тој е осомничен дека во 2017 година, додека бил средношколец ја пробил заштитата на сајтот на министерството за образование и наука. Случајот доби тогаш медиумско внимание, бидејќи министерството му понуди на момчето да се вклучи во постапките за складирање и чување на податоците.