Двајца осомничени за подметнување шумски пожар на југот од Франција

Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер соопшти дека две лица се осомничени за вмешаност во пожарот во департманот Гард на југот од државата, пренесува во саботата радиото France Bleu.

„Показателите од истрагата укажуваат на тоа дека тие може да се одговорни за пожарот“, изјавил министерот Кастанер на прес-конференција.

Во прилогот на радиото се истакнува дека двајцата осомничени биле приведени во полицијата, но набрзо биле ослободени.

Кастанер, исто така, истакнал дека во 90 отсто од сите пожари кои се случиле во Гард, причината е човечкиот фактор. Според министерот, во некои случаи причина е криминална намера.

Француските медиуми претпладнето објавија дека пожарникарите целата измината ноќ се бореле со неколку пожари во департманот Гард, успевајќи да ги локализираат. Сепак, властите предупредуваат дека пожарот може да се обнови поради неповолните временски услови.

Според телевизијата BFMTV, пожарот во општината Женерак, кој веќе уништи во вторникот и средата околу 500 хектари шума, бил исто така подметнат. Огнот на ова жариште се обновил во петокот, и според информациите на France Info, тогаш во текот на гаснењето на огнот се урнал авионот, при што загинал пилотот.

Минатата седмица во низа градови во Франција беа региструрани температурни рекорди. Така во четвртокот апсолутни температурни рекорди беа забележани во повеќе од 50 француски градови, а по топлотниот бран следува голема суша со што се зголемува веројатноста за појава на шумски пожари.