Двајца потешко и 19 полесно повредени во судар на автомобил и автобус

Вупно 21 лице се повредени во судар на автомобил и автобус во неделата на магистралниот пат Радовиш – Штип – Велес, од кои две со посериозни повреди се хоспитализирани на скопскиот Клинички центар.

На крстосницата од регионалниот пат Штип – село Софилари и магистралниот пат Радовиш – Штип- Велес, вчера околу 16:15 часот се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „Дачија Логан“ со прилепски регистерски таблици управувано од В.П. (58) од Виница и автобус со кочански регистерски ознаки управувано од Љ.Г. (32) од село Спанчево, извести во неделата МВР.

Во незгодата со тешки телесни повреди, фрактура на подлактица, р’бет и карлица, се здобила сопатничката од патничкото возило, Д.П. (54) од Виница, која по укажаната лекарска помош во Медицински центар Штип, поради сериозноста на повредите била пренесена во Клинички центар Скопје.

По незгодата на лекарски преглед се јавиле двајцата возачи и 17 патници од автобусот, кај кои биле констатирани телесни повреди.

Кај возачот на патничкото возило, В.П. констатирана била тешка телесна повреда – фрактура на градна коска, и по укажаната лекарска помош бил пренесен на понатамошно лекување во Клинички Центар Скопје.

Увид на местото на настанот бил извршен од страна на увидна екипа од СВР Штип, а возачите биле алкотестирани и притоа не било констатирано присуство на алкохол во крвта. Се работи на целосно расчистување на случајот.