Двајца странски туристи загинаа во напад во египетски хотел

Египетските полицајци вршат увид на местото на нападот во кој загинаа петмина нивни колеги убиени во нападот кај Ал-Бадрашен во провинцијата Гиза на 14 јули 2017 година. (Фото: AFP)

Шест странски туристи се повредени во напад на маж вооружен со нож врз туристи на една плажа од египетско одморалиште на Црвеното море, соопштија египетските безбедносни сили, додека агенциите пренесуваат дека две лица им подлегнале на повредите. Претходно во петокот во напад со огнено оружје загинаа пет припадници на египетската полиција.

Според агенцијата Reuters, загинале двајца украински туристи во одморалиштето Шарм-ел-Шејк. Напаѓачот бил приведен.

Агенцијата AFP, пак, повикувајќи се на извори од безбедносните сили јавува дека најмалку двајца украински туристи се убиени, додека четворица други странци чија националност не е соопштена се ранети во нападот со студено оружје во хотел во одморалиштето Хургада, исто така, на Црвеното Море.

Египетското министерство за внатрешни работи соопштило дека прелиминарната истрага покажала дека напаѓачот допливал од блиската јавна плажа за да дојде до одморалиштето во Хургада, на околу 400 километри јужно од главниот град Каиро.

Осомничениот напаѓач е приведен и ставен во притвор и тој во моментов се сослушува за да се утврдат неговите мотиви, рекле извори од министерството.

Двајца настрадани биле хоспитализирани, но нивната националност засега не ѝ е позната на полицијата.

Ова е прв напад врз туристи во оваа област од Египет од јануари 2016 година кога двајца мажи вооружени со ножеви, осомничени за поврзаност со џихадистичката организација Исламска држава, ги нападнаа хотелот „Бела Виста“ во Хургада, при што беа ранети двајца Австријци и Швеѓанец.

Претходно во петокот претпладнето петмина египетски полицајци, двајца офицери и тројца регрути, беа убиени откако вооружени лица од заседа отвориле оган крај полициски контролен пункт во областа јужно од Каиро, пренесе државната новинска агенција MENA, повикувајќи се на соопштение на министерството за внатрешни работи.

Нападот се случил кога тројца вооружени напаѓачи со мотоцикли ги нападнале полицајците во областа ал-Бадрашен во покраината Гиза, околу 30 километри јужно од Каиро.

„Полициски офицер кој бил во близина на местото на нападот возвратил на огнот на напаѓачите по што тие побегнале“, се вели во соопштението на министерството.

Според очевидци, напаѓачите го нападнале полициското возило со автоматски пушки, ја земале опремата и фрлиле запалливи бомби во него пред да побегнат.

Ниедна група засега не ја презема одговорноста за нападот, но тој дојде откако полицијата соопшти дека поради присуството на милитанти ќе бидат блокирани приодите во Долината на Нил и на Синајскиот полуостров.

Египетските безбедносни сили подолг период се борат со локалните џихадисти поврзани со терористичката групација Исламска држава во немирниот североисток на земјата и во нивните операции последните години убиени се голем број припадници на полицијата и војската.

Исламистичките милитанти често ги напаѓаат припадниците на безбедносните сили, коптските христијани, како и странските туристи. Во мај годинава беше нападнат автобус со Копти кои патувале во манастир при што беа убиени 29 лица. Претходно во април во двоен смртоносен бомбашки напад во градовите Александрија и Танта беа убиени повеќе од 45 христијани.