Двајт Хауард од Бруклин се сели во Вашингтон

Еден од најдобрите центри во изминативе години во НБА, Двајт Хауард ќе потпише договор со „Вашингтон Визардс“ откако „Бруклин Нетс“ го откупиле неговиот договор, пишуваат американските медиуми.

Хауард минатата сезона настапуваше за „Шарлот Хорнетс“, кои пред драфтот го разменија со тимот од Бруклин, но нема да остане во клубот. Според американските медиуми, „Нетс“ го откупиле неговиот договор и тој станал слободен играч. Хауард веднаш склучил договор со „Вашингтон“.

Договорот ќе вреди помеѓу пет и пет и пол милиони долари, а з Хауард ова ќе биде четвртата екипа во последните четири сезони, сметајќи го „Бруклин“.

Хауард од 2004 до 2012 година беше член на „Орландо“, потоа играше една сезона за „Лејкерси“, три за „Хјустон Рокетс“, а претходните две години ги помина во „Атланта“ и „Шарлот“.

Центарот минатата сезона имаше 16,6 поени и 12,5 скока во просек.