Дванаесет жртви во најтешката пресметка во источна Украина

Најтешкото насилство Украина го доживува оследнава недела кога во борбите меѓу проруските бунтовници и владините единици во регионот загинале најмалку 12 лица, а 32 се ранети.

Украински претставник денеска на прес-конференција во Киев изјави дека во последното деноноќие биле убиени најмалку девет војници, а 27 биле ранети.

Градскиот совет во Доњецк соопшти дека најмалку тројца цивили загинале, а петмина биле ранети во гранатирањето од изминатата ноќ на станбена зона во северниот дел на градот, каде во епицентарот на борбите се наоѓа и аеродромот што е под контрола на Владата.

Насилството во источна Украина продолжува и покрај примирјето што беше прогласено на 5 септември.

Претседателот на Украина, Петро Порошенко, на скептично расположената домашна јавност се обидува да и докаже дека функционира неговиот мировен план, забележуваат американските медиуми.

Откако во април почнаа борбите во земјата, во конфликтот загинале најмалку 3.500 лица.

Минатата недела претставниците на Русија, Украина и сепаратистите потпишаа уште една спогодба. Според неа, и двете страни треба да го повлечат своето тешко вооружување од линијата на фронтот, создавајќи тампон зона, што ќе овозможи примирјето да се применува многу подобро, дополнуваат американските медиуми.