Две деца со морбили хоспиталирани на Инфективна

До крајот на денот се очекуваат првичните резултати од контролите на инспектори од Агенцијата за лекови во “Македонија лек” и Здравствените домови по обелоденувањето на скандалот дека на дел од МРП вакцините биле залепени декларации со рок на траење до октомври 2018 година. Министерот Филипче за пропустот на компанијата увозник денеска ги информирал и одговорните во белгиската компанија која ги произведува вакцините. Најавиле дека деновиве ќе дојдат во Македонија лично да се запознаат со настанатата ситуација.

-Иако првично укажува на технички пропуст, јас ќе бидам внимателен и ќе ги почекам резултатите, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче останува на ставот дека одговорност и санкции за случајот мора да има ако инспекциските контроли покажат дека техничката грешка можела да се превенира.

-Секој ќе си ја понесе одговорноста, категоричен е Филипче.

За најавата за тужба на група граѓани кои се залагаат вакцинацијата да биде право на избор министерот за здравство одговори дека како институција имаат сериозни аргументи дека јавното здравје секогаш треба да биде над индивидуалното.

Филипче и денеска потенцираше дека вакцините се безбедни и квалитетни. Настанатата ситуација со погрешните декларации не го намалил опфатот на имунизација. Вчера над 100 лица примиле МРП.

Во меѓувреме уште 2 деца од Радишани и Лисиче со морбили хоспиталирани се на Инфективна. Не биле вакцинирани. За десетина дена во главниот град регистрирани се 25 случаи со морбили.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.