Две години од потпишувањето на Преспански договор – Идентитетска капитулација или виза за НАТО и ЕУ?!

Сменето име во устав, на лични документи, патоказни табли, гранични премини, аеродроми, државни институции.Табли за дообјаснување на споменици дека и припаѓаат на античката хеленска историја, нови регистарски таблички. Две години од договорот на Заев и Ципрас и потписот во Нивици на Димитров и Коѕијас новата придавка ја имаме секаде, па дури и онаму каде се уште не сме обврзани.

Македонија стана Северна, државјанството македонско/граѓани на република Северна Македонија, јазикот македонски, но со фуснота дека припаѓа на словенската група јазици. Во пасошите веднаш при првиот излез од државата добивме печат дека тој документ и припаѓа на Северна Македонија, а пет години од потпишувањето новото уставно име треба да биде на сите патни исправи. И во свидетелствата на учениците веќе се применува новото име иако дел од преспанската спогодба не обврзува на промени паралелно со динамиката на отварање на поглавјата од преговорите со ЕУ. Сепак нашата влада побрза и овие обврски да ги исполни. Дури и сонцето од Вергина се отстранува од сите јавни простори. И на производите произведени кај нас веќе стои новото име.

Грција пак за возврат само се обврза да не не блокира при зачленувањето во меѓународните организации. И го ратификуваше протоколот за членство во НАТО.

И кај нас и во Грција спогодбата не беше лесно прифатена од мнозинството. Новото име не ја доби поддршката на референдумот, но власта реши да го смени името со гласање уставни амандмани во собрание. На начин оспоруван од многумина со големи сомневања за позадината на осумте гласови од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Ципрас веќе политички ја плати цената за Преспанскиот договор со пораз на изборите. Нова Демократија го оспоруваше, но го применува договорот. Кај нас изборите допрва следат, а она што произлезе од договорот Заев го смета за еден од неговите најголеми аргументи. ВМРО-ДПМНЕ пак и натаму смета дека договорот е капитулантски со став дека за нешто да се смени на овој план е потребно двотретинско мнозинство.

Како компензација за договорот од преспа добивме членство во НАТО и најава за преговарачка рамка од ЕУ. Но сепак договорот од Нивици не ни ги отвори ширум вратите кон Европа. Затварањето на еден спор извади на површина друг. Оној со Бугарија. И тоа можеби уште посериозен. Официјална Софија го условува нашиот европски пат со одрекување од дел од историјата, македонскиот јазик и македонското национално малцинство.

Но, во секој случај договорот ќе го издржи забот на времето, а ниту една од страните не може да ја промени реалноста, оценува поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов на двегодишнината од решението на спорот за името.

Филипов кој е и дел од Kомисијата за трговски марки со Грција, вели и дека иако подолг период се нема состанато со неговите грчки колеги, контактите постојат, но сепак нема голем напредок во работата.

По повод годишнината од договорот, Премиерот Спасовски преку социјалните мрежи упати порака дека според него, со договоротсе забрзал евро – атлантскиот интегративен пат на земјава, а Македонија добила нов сојузник во Грција. На иста линија и екс премиерот Зоран Заев, кој денеска ја доби наградата за човекови права од Фондацијата Фридрих Еберт меѓудругото, поради склучувањето на договорот со Грција. Заев на социјалните мрежи напиша дека договорот ги исполнил очекувањата. Слична порака упатија и од владејачката СДСМ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека на годишнината од договорот, се оствариле нивните предупредувања.