Телата на две малечки момчиња се пронајдени вчера на брегот на грчкиот остров Кос, соопшти крајбрежната стража на Грција.
Најверојатно, според крајбрежната стража, станува збор за деца од мигрантско семејство, кое се обидело да стигне до островот.
Според властите вчера изутрината на хотелска плажа биле најдени телата на две налечки момчиња. Прво било пронајдено тело на бебе, веројатно на возраст меѓу шест месеци и една година. Неколку часа подоцна на истото место било пронајдено и телото на момче, меѓу три и пет години.
Околу 630 илјади лица влегле илегално во Европа од почетокот на 2015 година, изјави шефот на Европската агенција за контрола на границите, Фронтекс.
Минатата недела УНХЦР соопшти дека најмалку 102 лица загинале додека се обидувале да стасаат до Грција по воден пат. Најмалку 3.000 лица го загубиле животот во Средоземното Море.