Две минимални плати само за сметки и храна

Платите и минималната кошница во која Сојузот на синдикатите на Македонија го пакува неопходното за преживување на четиричлено семејство и понатаму се во голем расчекор.

Според пресметките на ССМ во ноември кошницата со храна, пијалаци, сметки, трошоци за домување, за разонода, набавка на неопходната покуќнина, облека, обувки, превоз и одржување на здравјето чини 33.742 денари. Загарантираната минимална плата во државата е нешто под 15.000 денари, што значи дека за да ги задоволи минималните потреби во текот на месецот едно четиричлено семејство во кое влегуваат две минимални плати требало да позајми околу 4.000 денари. Или, да си скрати на она што се смета за неопходно за егзистенција.

На семејство во кое влегува една просечна плата која во октомври изнесува 27.899 денари, за да ја наполни кошницата му недостасуваат близу 6.000 денари, односно стотина евра.

Најголем дел од трошоците на четиричлено семејство кое живее во стан од 50 квадрати и нема автомобил, кое е земено како модел за пресметките, одат за храна и пијалаци. На тоа отпаѓаат близу 42 процента од вкупните трошоци, или 14.149 денари.

За потребите на домувањето се издвојуваат над 30 проценти или по веќе од 10.000 денари, а остатокот е за средствата за лична хигиена и за хигиена на домот, за превоз, облека, обувки, култура и одржување на здравјето.

Во однос на октомври синдикалната кошничка е поскапа за 38 денари, а од почетокот на годинава за речиси една илјадарка.

Македонските граѓани имаат најниски примања меѓу земјите од поранешна Југославија, а од европејците се разликуваат и по тоа што најголем дел од платата трошат за храна. Агенцијата Анадолија објави дека просечната октомвриска плата во Словенија е највисока и изнесува 1.181,35 евра, потоа доаѓа Хрватска со 890,41 евра, па Црна Гора каде во ноември во просек се исплатени 525 евра. Следат Србија со 512,19 евра, Босна и Херцеговина со 490,76 евра и ние со 454,31 евра. Интересно е тоа што иако сме на опашката сепак сме меѓу земјите со најголем раст на платите. Македонија е трета на тој список, по Словенија и Србија.

Евростат, пак, открива дека македонскиот просек од над 40 проценти потрошени за храна и пијалаци е далеку поголем од европскиот. Во Европската унија за храна и пијалаци најмалку за таа намена се троши во Австрија, под 10 проценти, а најмногу во Романија, 25 проценти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.