Две минути вести за пандемијата ја убиваат животната веселост

Некои земји се чини веќе го видоа најлошото од коронавирусот и во меѓувреме укинаа многу ограничувања, па сепак вестите за пандемијата сѐ уште може да го „расипат човековот расположение“ за само неколку минути, тврдат британски и канадски научници чиешто истражување е објавено во списанието PLOS One.

Во студијата научниците од Универзитетот Есекс и од Универзитетот Сајмон Фрејзер известуваат дека мачното и мрачно прелистување на вестите за пандемијата споделени на социјалните мрежи „е една од најмалку пријатните активности во текот на денот“.

Тоа и не претставува особено изненадување, имајќи предвид дека таквите приказни немилосрдно ги повторуваат бројките на дневно починатите и заболените, а пренесуваат и нови информации за „државните прописи и ограничувања на начинот на живеење“.

Но дури и сродните вести за проблемите, како што е на пример недостигот од болничките кревети, ограничување во лекувањето и недостатоците во синџирот на снабдување, како оние кои ги натераа произведувачите на автомобили да го намалат производството последните седмици, исто така, предизвикуваат негативни влијанија врз менталното здравје.

За да се избегне ефектот на „повратната врска“, односно тоа дека луѓето со послабо ментално здравје или оние кои веќе чувствуваат притисок веројатно ќе побараат понегативни вести, научниците вестите за пандемијата ги пласирале преку Twitter и YouTube за околу 1.200 учесници во истражувањето.

„Читањето во траење од само 2 до 4 минути вести поврзани со ковидот предизвикало моментално и значително намалување на позитивното расположение и оптимизмот“, според одговорите од испитаниците.

Научниците предупредуваат дека учесниците во истражувањето биле претежно млади белци и повеќето биле од женски пол, што оневозможило генерализирање на резултатите.

Сепак, резултатите од ова истражување се совпаѓаа со другите истражувања за влијанието на пандемијата врз менталното здравје, наведуваат истражувачите, укажувајќи на студиите коишто покажуваат дека просечните нивоа на анксиозноста и депресијата се зголемувале од почетокот на пандемијата.

Процените кои претходно во октомври го објави британското медицинско списание The Lancet сугерираат дека околу 160 милиони луѓе повеќе пателе од ментални пролеми во текот на минатата 2020 година во однос не претходната година.