Две третини Германци поради инфлацијата трошат помалку

Речиси две третини од потрошувачите во Германија трошат помалку пари поради рекордно високата инфлација, објави во четвртокот Сојузот на бироата за заштита на потрошувачите (VZBV).

„Речиси две третини од испитаниците трошат помалку пари поради инфлацијата, а дополнителни 20 отсто веруваат дека во иднина ќе мора да ги намалат издатоците“, соопшти претседателката на VZBV, Рамона Поп.

Големо мнозинство, или 61 отсто од германските потрошувачи, штедат при купување на прехранбените продукти, а 56 отсто штедат при купувањето облека и обувки.

Поради растот на малопродажните цени една третина од испитаниците помалку ги користеле сопствените автомобили. Една третина од испитаниците, пак, изјавила и дека помалку користат авионски превоз поради растот на цените.

Инфлацијата во Германија во октомври се искачи на 10,4 отсто, а на рекордната инфлација најмногу влијаел растот на цените на енергенсите, сметаат во VZBV,

Прехранбените продукти во октомври во просек поскапеле за 20,3 отсто. Најмногу во споредба со ланскиот октомври поскапело маслото за јадење за 49,7 отсто, млечните производи и јајцата за 28,9 проценти, како и лебот и производите од житарки за 19,8 отсто.

Најголемиот скок на цените има во енергетскиот сектор, и тоа кај земниот гас кој е за 109,8 отсто бил поскап годинешниот отколку ланскиот октомври. Горивата за автомобилите во просек се 22,3 отсто поскапи.

Истражувањето на VZBV истовремено покажало дека дури 75 отсто од испитаниците се подготвени подолго да ја носат облеката што ја имаат отколку да купат нова. Од нив 45 отсто изјавиле дека би се откажале и од купување од нови електронски уреди кога старите би можело да бидат поправени.

Се покажало и дека потрошувачите се подготвени да ги променат своите пазарни навики, доколку тоа би придонело за забавување на климатските промени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.