Две турски компании се борат на тендерот за дистрибуција на гас до домаќинствата

Со приклучок за парно не поскап од 6000 денари и евтини кредити за менување грејни тела ќе се мотивираат домаќинствата да се греат на гас.

Ова се главните услови кои ги бара Регулаторна од новиот партнер кој треба да го дистрибуира природниот гас ширум земјава.

Методологијата е скроена минатата недела, вели директорот на комисијата за енергетика Бислимовски. Предност ќе има компанијата што ќе понуди најниска цена на приклучок.

„Од сега може да кажеме дека цената ќе биде под 100 евра. Инаку во моментов приклучоците во општините изнесуваат 500 евра. Верувам дека со зголемениот број на потрошувачи ќе имаат конкурентна цена која што ќе биде пониска не само од струјата туку ќе биде и пониска од трошоците на оние кои користат дрва за греење во зимскиот период“, вели Марко Бислимовски, директор на РКЕ.

Две компании од Турција се моментално во игра да стапат во јавно-приватно партнерство за дистрибутивната мрежа. Очекувањата се тендерот да се комплетира до крајот на јуни.

„Турција е земја која што има во последните 15 години во 27 региони од нивната земја развиени посебни дистрибутивни мрежи и сега се во фаза дури да започнат и гасификација во селските средини“, вели Марко Бислимовски, директор на РКЕ.

За гасификација во земјава од буџетот на Транспорт и врски годинава се одвоени околу 12,2 милиони евра. Првиот човек на Македонски енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, за Канал 5 изјави дека трите делници се со над 80 процентна реализираност но се соочуваат со проблеми во решавање на имотно-правните односи па не сакаше да шпекулира дали се ќе биде завршено до крајот на 2021 година.

Минатата недела Владата потпиша и меморандум со Грција со кој земјава ќе се вклучи во изградбата на терминалот во Александрополис за да добива природен гас од Азербејџан. Во овој момент, земјава има пристап само до рускиот гас, кој доаѓа преку Бугарија..