7.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Две жени ранети при свадбарско пукање во гостиварско

Две жени се здобиле со повреди при пукање од огнено оружје на свадбена веселба во гостиварското село Чајле, непосредно по ранувањето, жените се згрижени во гостиварската болница, а лицето кое е осомничено дека пукало од пиштол е лишено од слобода.

Според информациите од СВР Тетово, половина час по полноќ во дворот на семјената куќа на 53-годишната Б.Х., додека траела свадбена свеченост, имало пукање од огнено оружје.

Во сѐ уште до крај нерасветлени околности дошло до повредување на две жени кои присуствувале на веселбата. Повредените, 44-годишната Х.И. и 35-годишната М.М.  биле пренесени во гостиварската општа болница „Ферид Мурад“ и медицински згрижени.

Утрово, на местото на настанот, увидна екипа и јавен обвинител извршиле увид и се работи на расветлување на случајот.

По пријавата, околу 1:30 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Б.Х. домаќинот на веселбата, под сомнение дека тој пукал со пиштол.

Годинава, ова е прв посериозен инцидент предизвикан од неовластено пукање на свечености во Гостиварско. Пред четири дена во тетовска Мала Речица при пукање со огнено оружје беа ранети две помлади лица од кои едното беше сериозно повредено и оперирано на скопските клиники.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.