Двојазичноста влегува и во скопската зоолошка градина

Откако многу училишта и улици беа преименувани на албански јазик и откако беа испишани информативни табли и на албански јазик во јавното сообраќајно претпријатие, во болници и во други јавни институции, во јавноста неодамна имаше реакции зошто бил запоставен албанскиот јазик и во скопската зоолошка градина. Се реагира зошто на таблите во делот за описот на животните имало текст само на македонски, а не и на албански јазик, пренесува „Нова Македонија“.

Запоставувањето на албанскиот јазик ги иритира посетителите Албанци, кои ја посетуваат зоолошката градина во Скопје, вклучувајќи ги и оние од Косово и од Албанија. За посетителите не е доволно што го пишува само името на животното на албански јазик – објавија некои од медиумите на албански јазик.

Директорот на зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски, вели дека имињата на животните веќе се напишани на албански јазик.

На постојните табли имињата на животните се напишани на македонски, на англиски и на албански јазик. На нив нема место за дополнителен текст. Инаку, нарачавме нови информативни табли, кои се однесуваат на заштитата на животните, а треба да стигнат следниот период. Текстот на нив ќе биде испишан на македонски и на албански јазик – вели Галетановски.

Информативни табли на албански јазик има во многу државни институции. Пред неколку години советот на градот Скопје одлучи таблите на станиците и електронските екрани во автобусите да бидат со написи и на албански јазик. Информативните табли и патокази на клиниките се исто така напишани и на албански јазик. Годинава во март, името на скопскиот аеродром, освен на македонски, беше испишано и на албански јазик. Освен тоа, со политички одлуки во минатото беа преименувани неколку училишта, како и улици.