Двојната предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ – резултат на реалната политичка понуда

Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ e со убедлива предност како на ниво на цела држава, така и во сите изборни единици на само неколку дена пред изборите. Според анкетата спроведена од институтот „Павел Шатев“ на изборите в недела 11-ти декември за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 27,8 отсто, додека за СДСМ својот глас би го дале 16,2 отсто од лицата кои биле дел од телефонската анкета спроведена во периодот помеѓу 30-ти ноември и 2-ри декември на 1090 испитаници.

Речиси идентични резултати даде и анкетата на институтот „Димитрија Чуповски“ спроведена помеѓу први и трети Декември на 1.150 испитаници. Резултатите покажуваат дека 28.1% од испитаниците на предвремените парламентарни избори ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, 15% за СДСМ, 5.7% за ДУИ. 3,9 проценти од испитаниците на овие избори довербата би ја дале за БЕСА, 2.2% за ДПА, 1,8 отсто од испитаниците би гласале за Алијанса за Албанците, а по 1,5 отсто доверба од граѓаните уживаат Левица и Коалицијата ВМРО за Македонија.

Според политичките аналитичари, анкетите ја покажуваат реалната слика и расположение на гласачите. Универзитетската професорка Иванка Додовска смета дека ваквите резултати ја одразуваат недовербата на гласачите кон опозицискиот блок.

„Во изминатиов период имавме можност да видиме повеќе истражувања на јавното мислење кои во поголем или во нешто помал процент укажуваат на предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ. Евидентно е дека истите во голема мера го одразуваат незадоволството од политичката понуда од страна на опозицијата или пак во најмала мера укажуваат на недовербата од страна на гласачитекон опозицискиот блок“, посочува Додовска во изјава за Нетпрес.

ivanka-dodovska
Проф. Иванка Додовска

Според анкетите, граѓаните најмногу му веруваат на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето „На кој политичар најмногу му верувате?“ за Груевски се изјасниле 28,3 отсто од испитаниците, за лидерот на СДСМ Заев 23,2 отсто.

Со исклучок на Албанските испитаници, според анкетата на „Павел Шатев“ 50,4 отсто од анкетираните би го избрале Груевски за иден премиер, а само 14,1 отсто би го избарале Заев за нов премиер на Македонија. Додовска смета дека тоа се должи на позитивната реторика и реалната политичка понуда која ја има коалицијата „За подобра Македонија“, наспроти, како што вели, загрозување на националните интереси.

„Не треба голема логика за да се направи разликата помеѓу Груевски и Заев. Тие се два сосема дијаметрално спротивни политички лидери и генерално немаат речиси ништо што би можело да ги компарира. Во секој друг случај, доколку Заев имаше сериозна намера да претендира на премиерската позиција, по десет годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, секако дека ќе имаше предност во ситуација доколку одбереше понормална реторика, во случај да понудеше подобри решенија за државата и доколку не ги употребеше старите и излитени мамбо џамбо трикови со националните интереси. Она на што реагираат гласачите е позитивната реторика, реалната политичка понуда и секако заштитата на националните интереси, а тие истата ја препознаваат во Никола Груевски и тоа ја прави оваа огромна разлика помеѓу нив“, вели Додовска.

Без гласачите од албанска националност дури 93.1 отсто од анкетираните од страна на институтот „Павел Шатев“, најкатегорично се изјасниле дека на овие избори не би поддржале парија која се залага за концептот за двојазичност во цела РМ и нов рамковен, наспроти 4,8 отсто кои посочиле дека би поддржале таква политичка опција.

Ваквата ситуација, како што, наведува Додовска наметната од опозицискиот лидер Заев, покажува дека тој е комплетно ставен на располагање на одредени центри на моќ на кои им треба нестабилна Македонија.

„Оваа ситуација ја наметна лидерот на опозицијата Зоран Заев кој многу добро одигра на картата на национализмите со цел да ги девастира залагањата на извршната власт од минатите избори од 2014 година за 63 пратеници во македонското Собрание. Зарем некој со здрав разум може да смета дека Никола Груевски навистина имаше потреба од толкаво мнозинство во Собранието, доколку не беше свесен за сценаријата кои се сервираат од надвор за разнебитување на унитарноста на Република Македонија. На таа карта ниедна политичка партија од албанскиот блок не можеше да одигра толку дијаболично како што тоа го стори Заев со што покажа дека е комплетно ставен на располагање на одредени центри на моќ на кои им треба нестабилна Македонија, исто како и нестабилен регион. Оваа би рекла титанска битка за зачувување на државата, веќе еднаш во нашата понова историја имаше свој финиш и тоа е токму т.н. Охридски рамковен договор од 2001 година. Истиот беше со цел да се пацифизираат албанските терористи и да се подигне нивото на меѓуетничка толеранција, што ценам дека е голем успех со кој не можат да се пофалат ни големите држави. Од тие причини, исто како и со законите кои се носат одозгора, така и оваа понуда не наоѓа на одобрување од електоратот бидејќи сите ние живееме во нашата општествено-политичка реалност и сите сме свесни дека овој концепт е неприфатлив, нереален и комплетно промашен“, потенцира универзитетската професорка.

Голем процент од испитаниците, пак, се’ уште не одлучиле за која од политичките опции ќе го дадат својот глас.
Според анкетата на „Павел Шатев“ тој процент изнесува 13, 9, додека според истражувањето на „Димитрија Чуповски“ 10,3 отсто се уште не се одлучиле за кого ќе го дадат својот глас. Околу 30 отсто од испитаниците и во двете истражувања посочиле дека нема да гласаат на предвремените парламентарни избори.

Според Додовска можно е неопределените гласачи да го имаат можеби клучното влијание врз крајниот исход на изборите, што според неа, е само ушт една потврда на правилото дека граѓаните се секогаш во право.

„Сметам дека овие избори ќе бидат одраз на ставот на македонските граѓани за тоа во каква Македонија сакаат да живеат и обратно т.е. во каква Македонија не сакаат да живеат. Секако дека неопределените гласачи ќе го имаат можеби клучното влијание врз крајниот исход што во секој случај ќе претставува уште една потврда на правилото дека граѓаните се секогаш во право и верувам дека тие нема да се двоумат во донесувањето на својата конечна одлука за тоа кој сакаат да ги води и да ги штити нивните интереси и во наредните четири години“, заклучува универзитетската професорка.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.