Двојните стандарди – рак рана на денешницата

страшо ангеловски

Патот кој го одбра Никола Груевски е оној најтешкиот, па тој ќе се врати во Македонија „или како полковник, или како покојник“. За мене, оваа негова битка ќе биде успешна само доколку во државава се победат двојните стандарди. Неговата лична победа или пораз нема да значат ништо без тоа, зашто или ние ќе ги уништиме двојните стандарди, или тие ќе не уништат нас.

Неколку работи ќе го одбележат овој 13 ноември, се разбира, покрај прославата за ослободување на Скопје од… сега веќе непознат окупатор. Или, според некој од историчарите, ден кога „најмладата“ нација на Балканот си го ослободила главниот град од „постарите“ нации. За него и за таквите како него, народот одамна го испеал стихот „срам голем е за тебе сам да се не знаеш“.

Токму на овој ден се потврди она што го говорам со години. Дека двојните стандарди во меѓународната политика го доведуваат светот во опасност од судири со несогледливи последици, а дека двојните стандарди во Република Македонија ни го разјадуваат општеството до степен на самоуништување.

Прво, околу двојните стандарди на меѓународната заедница:

Она што остана сосема незабележано од „објективните“ домашни медиуми дека Европската комисија поднесе извештај за напредокот на Бугарија и Романија, кои пред речиси 12 години станаа членки на Европската Унија без притоа да ги исполнат и минималните пропишани услови. Имено, со политичка одлука, без да се инсистира на целосно исполнување на условите за прием, Бугарија и Романија станаа рамноправни членки на ЕУ, па ден денес, 12 години подоцна, Европската комисија го разгледува нивниот напредок, се разбира, доколку воопшто го има, посебно во областа на корупцијата. Таа иста Европска комисија, чиј прв претседател, цели 9 години беше Валтер Холштајн, министер за правда во кабинетот на Хитлер, таа иста комисија која и Словенија и Хрватска ги прифати во ЕУ со нерешен територијален спор, таа иста комисија која само во случајот со Македонија бара да биде исполнета и последната запирка од нивните уништувачки барања. Таа комисија чии двојни стандарди го кочат развојот на Република Македонија и нејзиниот одамна заслужен статус на рамноправна членка. Барем онолку заслужен колку оној на Бугарија и Романија, ако не и малку повеќе.

И за да биде иронијата двојно поголема, Бугарија, која и по 12 години не исполнила огромен дел од условите за прием, е таа иста Бугарија поставува, па дури и диктира антицивилизациски услови за прием на Република Македонија во ЕУ. Таа Бугарија во која според Евростат се наоѓа најсиромашната општина во ЕУ – Видин, каде земјоделско семејство живее со 2,5 евра дневно, каде има отселување, што според експертите се случува само во случај на војна или пандемија, таа Бугарија од која последниве десеттина години се отселија над два милиони луѓе, па пред неколку месеци бројката на жители прв пат во нејзината историја падна под 7 милиони. Таа Бугарија во која просечната пензија изнесува околу 80 евра. Ете таа Бугарија треба да ни биде репер за квалитетот на животот во ЕУ, а таа Бугарија е алатката преку чии условувања, творбата на фашистот Холштајн го кочи напредокот на Република Македонија, со опасност да ја доведе до момент на нејзин распад.

Второ, околу двојните стандарди во државава кои на 13 ноември достигнаа кулминација:

Имено, додека за еден поранешен премиер, Никола Груевски, актуелен пратеник со неодземен имунитет од матичната комисија, не важат ниту законите, ниту правото и правдата и,по секоја цена, за случај во кој нема дело, требаше да биде пикнат в затвор и не му се дозволи одложување на казната ниту за 3 месеци, за еден друг поранешен премиер, Владо Бучковски, на истиот ден, 13 ноември, Врховниот суд ги поништува веќе правосилните пресуди за докажано дело. Истовремено, за него постои одложување на извршувањето двегодишна затворска казна веќе речиси 4 (со букви: четири)  години, од јануари 2015-та.

И бидејќи, за жал, целото општество е катастрофално поделено, а кај огромното мнозинство токму двојните стандарди се критериум за право и правда, а со тоа и за искажување став меѓу политичките „аналитичари“, меѓу новинарите,но и меѓу обичните толкувачи на се’ и сешто по социјалните мрежи, веќе започна битката за докажување за оправданоста или не на потегот на Никола Груевски да побара политички азил во Унгарија.

Јас знам само едно – вистинската политичка битка на Никола Груевски треба да започне токму на 13 ноември 2018 година. Битка во која тој од срцето на Европа, од земја членка на „демократската“ ЕУ, имајќи пристап и до објективни европски и светски медиуми, има обврска да докаже дека во Република Македонија, најблаго речено, се спроведуваат двојни стандарди во спроведувањето на правото и правдата. Да докаже дека државата се уништува одвнатре и е доведена на работ на своето постоење. Доколку, пак, реши да молчи и да ја напушти битката, можно е многу скоро, под притисок на некои од неговите „сестрински“ другарчиња недостоинствено да биде довлечкан во државава.

Водејќи ја својата битка, Никола Груевски ќе води битка и за оперскиот пеач од светски глас, Игор Дурловски, и за големиот актер Владо Јовановски и за режисерот Борис Дамовски, но и за Јане Ченто, за Горан Ангелов и сите останати кои се дел од политичко – полициски прогон. Затоа, верувам ќе се докаже дека наспроти изолацијата во затворот во Шутка, Никола Груевски, го одбра единствениот можен пат да го интернационализира сето она што се случува во Македонија, наместо „херојството“ да ја прифати затворската казна, тој го одбра патот на прогонството, кој може да му овозможи отворена политичка битка пред очите на целата светска јавност заради победа на вистината и правдата.

Патот кој го одбра Груевски е оној најтешкиот, па тој ќе се врати во Македонија „како полковник, или како покојник“. За мене,оваа негова битка ќе биде успешна само доколку во државава се победат двојните стандарди. Неговата лична победа или пораз нема да значат ништо без тоа, зошто или ние ќе ги уништиме двојните стандарди, или тие ќе не уништат нас.

Никола Груевски, верувам, ја започна својата битка, а сите ние Македонците, имаме обврска да ја започнеме можеби својата последна битка со невидена масовност на протестот од 18 ноември. Нека биде ова мојот гласен повик до сите кои ги почитуваат правото и правдата, со кренати глави да се сретнеме на 18 ноември. Зашто дефинитивно за Македонија се работи.

Автор: Страшо Ангеловски, Претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.