Џафери: Имаме заедничка татковина и сите сме одговорни да ја зачуваме

Треба да бидеме горди што пред повеќе од еден век нашите предци зборувале и се бореле за слобода, за почитување на човековите права, за соживот и толеранција, за мултикултурно и мултиетничко општество. Водачите на Илинденското востание Никола Карев, Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и други знајни и незнајни херои, покажале дека имале високоразвиени цивилизациски вредности и принципи за заедништво, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери од Мечкин Камен на централното одбележување на Илинден – Денот на Републиката.

Обраќањето тој го почна со цитирање на Крушевскиот манифест од 1903-та кој повикувал на обединување во остварувањето на заедничката цел – слободата –  до сите жители, независно од нивната етничка и верска припадност и социјален статус. Документ напишан пред 114  години но кој, рече Џафери, е актуелен и денес.

Тие цивилизациски вредости и принципи биле мотивација, рече Џафери, во 1941 година луѓето од различна етничка припадност и вера повторно заедно да се кренат против фашизмот и да се изборат за  слобода. Духот на Крушевскиот манифест провејувал во текот на НОБ и се материјализирал во вториот Илинден односно во документите на АСНОМ. Вековната желба за самостојна држава се оствари на 8 Септември 1991 година, рече Џафери, а константата втемелена во Крушевскиот манифест за мутлиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер е потврдена и во Уставот на Република Македонија.

– Во овие 26 години самостојност сите заедно поминавме низ повеќе премрежија и кризи, но најважен е фактот што кај граѓаните, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или која било друга разлика, тие не го нарушија духот на заединштво и соживот… бидејќи ние сме знаеле и знаеме заедно да ги споделуваме и убавите и помалку убавите моменти кои ги носи животот. Ние имаме една заедничка татковина – Република Макеоднија. И сите ние сме одговорни да ја зачуваме и развивме, за нас и за идните поколенија, истакна претседателот на Собранието.

Талат Џафери Крушево Илинден од ТВ 2

Уште една заедничка определба или сон на граѓаните, посочи Џафери, е  целосна интеграција во ЕУ и во НАТО, притоа додавајќи дека добропознатиот спор со јужниот сосед е попречен на тој пат.

– Меѓутоа, јас сум оптимист и сум длабоко уверен дека доколку сите ние пристапиме максимално сеириозно и зрело на барањето и изнаоѓањето решение за надминување на овој реално присутен проблем, ќе се искачиме скалило погоре на скалата на политичката зрелост и одговорност. Актуелното парламентарно мнозинство и актуелната Влада посветено работат во насока на решавање на ова отворено прашање, рече Џафери.

Додаде дека затворањето на отворените прашања значи и побрзо посветување на реформите потребни за враќање на т.н. брза пруга за членство во НАТО и почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ. Пред се, тоа се добрососедските односи во регионот, рече Џафери, нагласувајќи дека  значаен чекор напред  е Договорот за добрососедски односи со Република Бугарија кој вчера го потпишаа премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов.

– Се надевам дека овој договор релативно брзо ќе биде ратификуван во двата Парламента, а со тоа верувам и како соседи ќе направиме значаен чекор напред во билатералните односи како и во јакнењето на стабилноста во регионот и неговата евроатлантска перспектива, истакна првиот човек на Собранието на РМ.

Укажа и дека претстои период на многу работа и сериозни и, како што рече, можеби на прв поглед и тешки одлуки и решенија, но кои во разумен рок ќе ја покажат придобивката за сите граѓани.

– Собранието на РМ, тука мислам на сите 120 пратеници и на администрацијата, има капацитет, а верувам и политичка волја да ја исполни својата обврска која произлегува од владиниот план 3-6-9. Убеден сум дека и другите столбови на власт – извршната и судската исто така имаат капацитет да ги реализираат своите обврски. Сакам да верувам дека последната политичка криза не научи дека не смееме повеќе да ги повторуваме сопствените грешки и да продолжиме да живеме во маѓепсан круг кој се манифестира со нестабилна сегашност и  нејасна иднина, истакна Џафери на Мечкин Камен.

Говорот го заврши со увереност дека полека, но сигурно, ќе бидат ги надминати, како што рече – „некои антагонизми кои немаат корени во нашата заедничка историја, во нашиот вековен соживот и толеранција, а уште помалку во нашите определби за подобра иднина во рамките на европското семејство“.

– Тоа им го должиме на сите претходни генерации кои своите животи ги положија за денешна слободна и независна Република Македонија, но уште повеќе – тоа го должиме на идните генерации, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на чествувањето 114 години од Илинденското востание во Крушево.