Џафери ќе се обрати за Илинден на Мечкин Камен

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска реферираше за работата на Парламентот од 27 април досега, оценувајќи дека условите за работа се драстично попозитивни денес.

– Досега во рамките на она што е нормално за процедура пропишано со Деловник сите пратеници и сите пратенички групи се однесуваат онака како што може да се смета за нормална динамика на нештата, рече Џафери.

Тој потврди дека на 2 август, Илинден, ќе се обрати во Крушево на Мечкин Камен.

– Според плановите на координативното тело и одлуката на Собранието, формиран е организациски одбор за одбележување на 2 Август, Илинден, и според системот на ротација редот е на претседателот на Собранието да биде присутен во Крушево и во тој контекст сакам да известам дека претседателот на Парламентот ќе се обрати таму, рече Џафери.

Локалните избори ќе ги распише на 6 август, а тие треба да се одржат на 15 октомври. Поради активностите во Парламентот односно седницата за ребалансот на Буџетот и за смената на јавниот обвинител Зврлевски, пратениците ќе бидат на одмор од 8 до 25 август.

– По завршување на дебатата во Комисијата за финансирање и буџет до денеска до 24:00 се отвора можност до свикување на собраниска седница за Буџетот да може да се работи на пленарна седница на оние заостанати седници меѓу кои е и дебата за разрешување на Зврлески, рече Џафери најавувајќи дека за утре ќе биде закажано продолжението на оваа седница, а во координација со пратеничките групи доколку се постигне договор Парламентот би можел да работи и во сабота и во недела.

Што се однесува до законот за јазиците, Џафери истакна дека посоодветно е да се почекаат стоте дена од Владата и оти одговорот за тоа кога тој ќе биде ставен во собраниска процедура треба се бара во Владата.

Претседателот на Собранието рече дека имајќи предвид оти веќе е објавен и јавен Договорот за добрососедство со Бугарија, смета дека нема потреба од одржување итна седница како што бараше опозицијата, но дека сепак ќе се консултира со пратеничките групи.

Џафери на прес-конференцијата зборуваше најнапред на албански јазик, а потоа на македонски јазик. Одговарајќи на новинарско прашање рече дека за него не е провокација тоа што го искористил правото да зборува прво на албански јазик. Не кажа на кој јазик ќе се обрати на Мечкин Камен на 2 август.

– Прво и основно, уставното мое право како пратеник да можам да ги користам двата службени јазика во Република Македонија не може да се толкува и да се смета како провокација. Јас ги испочитував граѓаните и медиумите и да не мора да имате превод. Во тој контекст не соодветно е да се третира како провокација, но јас оставам тоа на граѓаните да ценат. Јас не го сметам за провокација, рече Џафери.

За одржувањето на редот во парламентарната сала за време на седниците и ставањето цртежи, Џафери рече дека тоа е рекација на пратениците кои не ги следат говорите.

– И покрај тоа што таму има сигнални и звучни можности  да укажувам на потребата дека едни со други треба да се слушаат, на тие што не разбираат можеби македонски, албански, не ги разбираат гласовните и звучните пораки, ми преостанува само со цртеж да им покажам дека треба да молчат додека другиот нивен колега, дали од опозиција или од мнозинството зборува на говорница. Тоа  е работа со која јас сум свесен дека ќе се соочувам и понатаму, вели Џафери.

Претседателот на Парламентот информираше дека во тек е тестирање на е-прозорец односно алатка за електронско пријавување на граѓаните за присуство на првата седница на Собранието по одморите во септември.