Џафери: Република Македонија денес е препознатлив меѓународен субјект

Република Македонија денес е препознатлив меѓународен субјект кој во одреден временски период претставуваше закана за мирот во регионот, меѓутоа, сега е значаен фактор на стабилноста во регионот и пошироко, рече спикерот на парламентот, Талат Џафери, во своето обраќање по повод 8-ми Септември, Денот на независноста.

„Факт е дека како млада демократија сè уште ни треба помош или совет од нашите меѓународни пријатели за решавање на некои наши домашни политички недоразбирања, кои на момент имаат типичен фолклорен карактер, сепак мислам дека полека ја надминуваме и оваа фаза“, нагласи Џафери во обраќањето.

Пред дваесет и шест години, како што нагласи Џафери, беа поставени и стратегиските цели, како на внатрешен така и на надворешен план.

„На внатрешен план Република Македонија беше дефинирана како граѓанска држава која се темели врз индивидуалните и колективните човекови права и слободи, врз принципите на парламентарната демократија и владеењето на правото, почитувањето на приватната сопственост и пазарните законитости“, рече Џафери.

Притоа, продолжи  Џафери, општеството беше дефинирано како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално. На надворешен план, нагласи, како приоритетна стратегиска цел беше поставена целосната интеграција во евроатлантските структури, односно, полноправното членство во ЕУ и НАТО.

Џафери истакна дека неодамна навршиле стоте дена од конституирањето на Собранието а наскоро ќе минат и стоте дена од формирањето на актуелната Влада.

„Нема да зборувам за тоа што сè е направено или не е направено во овие сто дена, туку сакам да истакнам само еден факт. Ова парламентарно мнозинство, има храброст, има волја, а има и знаење и капацитет да направи значајни чекори напред, како на внатрешен, така и на надворешен план, во остварувањето на нашите стратегиски цели дефинирани како што реков, пред дваесет и шест години. Секако дека во овие процеси очекувам свој придонес да даде и опозицијата, со аргументирана критика меѓутоа и со конструктивни предлози. А мнозинството е должно да создаде услови за опозицијата да може сево ова да го артикулира преку институциите на транспарентен начин пред јавноста. Се надевам дека сите ние кои сме во политиката, благодарение на довербата на граѓаните, ги научивме основните постулати на парламентарната демократија. Односно, при донесувањето на нашите политички одлуки, секогаш во прв план да ни биде граѓанинот, неговите права и слободи, неговата стабилна сегашност и подобра иднина“, рече Џафери.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.