Џафери утре ги распишува претседателските избори, ќе распише ли и предвремени?

Претседателот на Собранието, Талат Џафери се очекува утре да го потпише решението за одржување на избори за Претседател на Република Македонија.

Според Изборниот законик, изборите треба да се одржат најмалку 70, а најмногу 90 дена по нивното распишување. Според најавите досега, првиот круг од гласањето треба да се одржи на 21-ви април, а вториот круг би се одржал на петти мај. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12-ти мај.

Кој точно ќе влезе во изборната трка за наследник на Иванов се уште не е познато. Ниту една од политичките партии досега нема конкретен адут за претседателските избори. Во ВМРО ДПМНЕ во тек е внатрепартиска кампања за избор на претседателски кандидат меѓу деветмина претенденти за номинација. Конечната одлука ќе ја донесат делегатите на Конвенцијата на 16-ти февруари во Струга.

Владејачката СДСМ својот кандидат ќе го добие на трети март за кога е закажан Конгрес за избор на претседателските кандидат. Партијата пред неколку дена објави повик за самокандидирање, но до партиското седиште се уште нема пристигнато апликации. Познато е дека повеќе имиња се во игра меѓу нив високи владини и партиски функционер. Трката во СДСМ, според неофицијални информации, се води меѓу Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска, Стево Пендаровски и Никола Димитров. Од ДУИ велат имаат квалитетни кандидати и подготвени се за избори.

Се чека на СДСМ за предвремени избори

Сепак, останува отворено прашање дали напролет заедно со претседателските ќе има и предвремени парламентарни избори. Повеќе од еден месец веќе се чека на одлука на социјалдемократите да се изјаснат по барањето на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски за вонредни избори.

Од СДСМ одлуката ја најавуваат до крајот на овој месец. Велат имаат сериозни дилеми за тоа што од двете опции е повеќе во интерес на државните интереси.

„На Социјалдемократскиот сојуз на Македонија му одговара да излезе на предвремени парламентарни избори, да добие нов четиригодишен мандат. Но, многу позначајно е дали со тоа ќе се закочи или ќе се забрза процесот на развој на земјата за што се прават сеуште сериозни анализи. Одлуката која што ќе се донесе мора да  биде и ќе биде исклучиво од интерес на граѓаните и државата,“ вели генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски.

Потпретседателката на партијата, Радмила Шекеринска, пак, вчера во телевизиско интервју на Телма вели дека мора да го земат

Но, според неофицијални извор, големо влијание врз одлуката дали да се оди на избори покрај притисокот од меѓународната заедница, која е против, имаат и резултатите од последните истражувања на јавното мислење според кои ВМРО ДПМНЕ има блага предност пред СДСМ.