Џамал Хашоги – Од критичар на саудиската власт до симпатизер на Муслиманското братство

Џамал Хашоги, влијателниот саудиски новинар кој е убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул на 2-ри октомври, беше гласен критичар на владата во Ријад предводена од миленикот на западот, престолонаследникот Мохамед бин Саман, но неговата кариера покажува дека освен острите критики на сметка на непријателските и нехумани политики на принцот кон Јемен и Катар, истовремено ги симпатизирал радикалните организации Муслиманско братство и Хамас, поддржувајќи ја нивната изразена антисемитка политика и вербата во уништувањето на Израел.

Хашоги е еден од најпознатите критичари на саудискиот принц кој ги покрена реформите кои ги поздравуваат САД и Западот, меѓутоа започна и пресметки со дел од монархијата, саудиски бизнисмени и особено со дисидентите во којашто се уапсени, многу активисти, интелектуалци и верски лица, пособено од шиитската заедници. Тие, исто така, ја критикуваа и војната во соседен Јемен, во која Саудиска Арабија ја предводи коалицијата на сунитските земји којашто се бори против побунетото шиитско племе Хуси и одментатите војници на претходниот претседател.

Како поранешен уредник на влијателниот весник al-Watan и на истоимениот телевизиски канал, Хашоги со години се сметаше за близок на саудиското кралско семејство и своевремено беше советник на повеќе високи функционери. Но по апсењата не неколку негови пријатели, откажана му беше колумната во весникот al-Hayat и наводно е предупреден да престане да користи Twitter. Хашоги ја напушти Саудиска Арабија и замина во САД каде што објавуваше написи во The Washington Post и се појавуваше на арапските телевизиски канали во западните земји.

„Го напуштив својот дом, семејството и работата, но не престанав да говорам. Во спротивно, би ги предал оние коишто лежат во затвор. Јас барем можам да зборувам, додека многу од нив не можат“, напиша во септември 2017 година.

Саудиска Арабија по повеќе од две седмици негирање дека е поврзана со исчезнувањето и смртта на Џамал Хашоги, објави дека 59-годишниот новинар умрел при тепачка во истанбулскиот конзулт ид ека поради неговата смрт се сменет веднаш Сауд ал-Катани, советник и десната рака на принцот бин Салман, и замениког на шефот на разузнавањето Ахмед Асири.

Советник на саудиското кралско семејство

Поранешната уредничка на Хашоги во The Washington Post, Карен Ејтиа, појаснувањето на саудиското министерство за надворешни работи за неговата смрт во текот на „тепачка“ со службениците во дипломатската мисија го нарече целосна бесмислица. И додека ова убиство фрли нова црна дамка врз саудискиот престолонаследник бин Салман, пишува The New York Times, истовремено го насочи вниманието на многу заплетканите и испреплеткани наклонетости и симпатии на самиот Џамал Хашоги во текот на неговата долга кариера во којашто балансирал меѓу личната наклонетост кон демократијата и политичкиот ислам и долгогодишното служење како советник на кралското семејство.

Хашоги минатата година се доселува во Вашингтон, оставајќи ги зад себе подолгите листи на лошите вести. По многу успешната кариера како советник и неофицијален портпарол на кралското семејство на Саудиска Арабија, од земјата побегна во септември 2017 година, неколку месеци откако принцот Мохамед, именуван тогаш за наследник на круната, апсеше припадници на кралското семејство, од принцови до клерици, но главно мултимилијардери и бизнисмени кои биле блиски на самиот Хашоги. Од уапсени, новинарот бил особено близок со милијардерот инвеститор, принцот Алвалид бин Талал и со принцот Турки ал-Фејсал, поранешен шеф на саудиските разузнавачки служби кој го ангажирал како советник кога ја извршуваше функцијата амбасадор во Велика Британија и во САД.

Севкупно гледано, неговата кариера му овозможила добри врски и овој „висок, дружељубив и опуштен маж, како што се чинеше, го знаел секој кој имал какви и да се врски со Саудиска Арабија во последните три децении“. Пребегнувајќи во САД, Хашоги се преметнува во жесток критичар на бин Салман, кој станува попознат по прекарот МБС, односно иницијалите, опишувајќи ја тогаш во текст во The Washington Post, новата саудиска ера како „владеење на стравот, заканите, апсењата и јавното резилење“.

Годинава во март за британскиот весник The Guardian напиша дека „МБС за својата програма за реформи во земјата заслужува пофалби, но дека истовремено овој дрзок и остар млад иноватор не поддржа, а не пак да дозволи, каква и да е јавна расправа“ за зацртаните промени. Иако бин Салман го опиша како свиреп автократ споредувајќи го со рускиот претседател Владимир Путин, Хашоги од друга страна со промовирањето на политичкиот ислам се зближува со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, со кого воспоставува блиски односи.

Врските со бин Ладен и Муслиманското братство

Откако со години беше познат како личност од доверба на кралевите и принцовите, коишто подоцна бин Салман ќе ги смести во „позлатениот затвор“, а станува збор за луксузен хотел со пет ѕвезди „Ritz-Carlton“, како новинар Џамал Хашоги го привлече вниманието на меѓународната јавност со интервјуто направено со основачот и идеологот на исламистичката терористичка мрежа Ал Каеда, Осама бин Ладен. Имено, како и самиот бин Ладен, и Хашоги потекнува од уважувана и влијателна некралска фамилија, а неговиот дедо бил лекар кој се грижел за здравјето на првиот саудиски крал. Неговиот вујко, Аднан Хашоги, пак, беше познат мултимилијардер и трговец со оружје.

Откако американските командоси го убија бин Ладен на почетокот од мај 2011 година во Пакистан, Хашоги изразуваше жалење поради тоа што „неговиот стар познник се преметнал“. Останува заблежано дека тогаш на Twitter напиша дека „со скршено срце се струполил оплакувајќи го Абу Абдула“ (Осама бин Ладен). „Беше убав и храбар во оние преубави денови во Авганистан, пред да ѝ се предадеш на омразата и страста“, напиша Хашоги.

Студирал во САД на државниот универзитет во Индијана, а по враќањето во татковината започнал да пишува за весниците на англиски јазик. Во тоа време, пишуваат деновите светските медиуми повикувјќи се на неговите колеги, му се придружил на панарапското исламистичко движење Муслиманско братство. Иако, веќе како педесетогодишник, неговиот однос со Муслиманското братство бил „двонасочен“, оваа седмица се огласија припадниците на оваа групација коешто историско извориште и главна база е Египет, објавувајќи дека „чувствувале дека Хашоги отсекогаш бил еден од нив“.

Според The New York Times, не бегал од „конзервативната, исламистичка и често антизападна реторика којашто ја корстел и прикривал, зависно од тоа со кој сакал да се зближи“.

Иако на неговите пријатели им е тешко да поверуваат дека останал доследен на идеологијата и целите на Муслиманската братство, медиумите пренесуват дека има изобилство од докази дека тоа е точно. Од написот во The Washington Post, на прмер, може да се види дека деновите пред да исчезне ги минал со „британско-палестинскиот предавач и новинар на сателитската телевизија al-Hiwar“, Азам Тамими. Она што не го пишува Post но го исткнуваат израелските и другите медиуми, е дека овој пријател на Хашоги е „неуморен промотор на палестинската терористичка организација Хамас“. Тамими повеќапати ги величел бомбашите самоубијци, а на собир во Лондон повикал на „искоренување на карциномот“ на Блискиот исток, односно на Израел. Тамими во интервјуата за британскиот јавен сервис BBC во 2003 и во 2012 година изразил подготвеност да умре како „маченик“ во самоубиствен напад врз Израелци.

За Хашоги, како што пишува израелскиот дневен весник Haretz, „борбата против Израел била клучна осовина на исламистичката агенда којашто ја прегрнал.“ Во еден од неговите текстови во весникот al-Hayat, од каде што минатата година доби отказ, тој напиша дека „постоењето на Израел е вон контекстот на историјата и логиката (…) настанат со сила, ќе живее со помош на сила и ќе исчезне со сила“.

Самиот Хашоги тврдеше дека пишувањето во споменатиот панарапски весник, чијшто сопственик е принцот Калед бин Султан ал-Сауд, му било забрането поради тоа што го бранел Муслиманското братство, коешто како и Каиро, и Ријад го смета за терористичка организација.

Многумина сметаат дека Хашоги завршил со свирепа смрт, бидејќи во прв ред се судрил со младиот амбициозен принц, кој кон крајот на минатата година беше решавачкиот фактор во одлуката на жените да им се дозволи да возат автомобили и да присуствуваат на спортски и други настани на стадионите, градејќи ја сликата за модерен реформатор. Три дена пред смртта, во текст во The Washington Post, Хашоги повика на слобода на изразувањето во целиот апрапски свет, оценувајќи дека „арапскиот свет се соочува со самонаметнатата Челична завеса којашто ја наметнаа внатрешните фактори кои се борат за превласт“. Според оние коишто ги следеа неговите објави, се чини дека ова е во расчекор со доктрината на Муслиманското братство.