Џенова секунди ја делеа од реми кај Милан

Во одложениот натпревар од првото коло на италијанското фудбалско првенство, Милан на својот „Сан Сиро“ со гол во последните моменти од мечот со 2:1 ја совлада Џенова. Натпреварот требаше да се одигра кон средината на август, но беше одложен поради уривањето на надвозникот во Џенова кога загинаа 39 лица.

„Росоњерите“ поведоа уште во четвртата минута од мечот со одличниот погодок на Сусо со удар од дваесетина метри. Во следните неколку минути Милна имаш уште неколку убави шански за гол, но потоа кон средината на првото полувреме им ја препушти иницијативата на гостите. Џенова израмнуи во 56 минута со голот на Кристијано Куаме, чиј удар го погоди Алесио Ромањоли и го лобуваше немоќниот Џанлуиџи Донарума.

И кога се чинеше дека Џенова ќе го извојува третото реми во низа, по гостувањето кај шампионот Јувентус (1:1) и дома со Удинезе (2:2), Милан стаса до победата во судиското продолжување. Тоа беше ува гол на Ромањоли кој ја искористи грешката на гостинскиот голман Андреа Раду, кој наместо да прифати нафрлена топка се реши да ја боксува, но само до ногата на домашниот играч кој шутираше од прва.

Милан со оваа победа се искачи на четвртото место со 18 бодов, десет помалку од водечкиот Јувентус. Џенова остана на десеттото место со 14 бодови.