Џерард разочаран од односот на Стерлинг

Легендата на Ливерпул, Стивен Џерард со неверување ја следи ситуацијата околу Рахим Стерлинг кој со сите сили се обидува да издејствува заминување од Енфилд.

За таа цел, младиот англиски репрезентативец дури измисли дека е болен, па се уште не се појавил на подготовките за новата сезона и соопшти дека не планира да оди на турнејата низ Азија и Австралија. Како што е познато, Стерлинг сака трансфер во Манчестер Сити, но двата клуба не можат да се договорат околу отштетата.

„Не сум среќен од она што се случува и сметам дека нема потреба за вакво нешто. Рахим треба да разговара лично со Брендан Роџерс и да му каже што планира, а не да измислува дека е болен и тоа да го користи како изговор да не оди на турнеја. Тој треба да биде маж, а не кукавица. Има милиони навивачи на Ливерпул низ светот со дрес на Стерлинг и замислете сега што мислат тие за таквото однесување”, изјави Џерард.

Ливерпул в недела патува за Бангкок, но малку е веројатно дека дотогаш ќе се средат работите во релациите со Ливерпул.