Џес Бејли номиниран за нов амбасадор на САД во Македонија

Џес Л. Бејли е номиниран од страна на американскиот претседател Барак Обама за амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.

Одлуката ја соопштила денеска во Белата куќа претседателот Обама заедно со номинациите на други лица за високи позиции во американската администрација.

Џес Л.Бејли е дипломат од кариера во Стејт департментот. Во Скопје доаѓа од позицијата заменик шеф на мисијата на САД во Анкара, Турција, функција која ја извршувал од 2011 година.

Во богатата биографија на Бејли се наведува дека бил директор на Канцеларијата за Југоисточна Европа во Стејт департментот, како и директор на Канцеларијата за политички прашања со ОН. Меѓу другото, Бејли ја вршел и должноста директор на Центарот за странски известувачи во Вашингтон, како и советник за јавни прашања во Амбасадата на САД во Хаг, Холандија. Тој има служено и во амбасадите на САД во Дакар, Сенегал и во Дака, Бангладеш.

Дипломирал на Јеил Универзитетот, а се стекнал со магистерска титула на Универзитетот Колумбија. Бејли треба да дојде на местото на актуелниот амбасадор Пол Волерс, кој во Македонија амбасадорската функција ја извршува од 2011 година.