Џихадистите убиле над 5.000 лица во ноември

5.142 лица го загубиле животот во текот на минатиот месец во насилството на џихадистичките групи низ светот.

Во просек тоа значи нешто повеќе од седум убиени на секој час.

Најтешко се погодени Ирак, Нигерија, Авганистан и Сирија, во кои се случиле 80 отсто од регистрираните злосторства, покажува истражувањето на Би-би-си и Меѓународниот центар за истражување на радикалните движења од Лондон.

Џихадистите од екстремната Исламска држава, според истражувањето, се одговорни за речиси половина од ликвидациите – во 308 напади убиле 2.206 лица. Поразителен е фактот дека повеќето од настраданите се цивили, а ситуацијата е најлоша во Ирак, каде што се регистрирани најмногу напади и третина од ликвидациите. Питер Ниман, директорот на Меѓународниот центар за истражување на радикалните движења, оценува дека истражувањето покажува оти ИД „станала ривал на Ал каеда, а можеби и веќе ја презела позицијата на лидер на глобалниот џихад“.

Се проценува дека повеќе од 400 жртви се убиени во т.н. јавни погубувања, во што се вклучени и 50 лица што беа обезглавени во Сирија, Јемен и во Либија. Според Ниман, шареноликиот избор на методи што џихадистите ги користат во ликвидациите укажува на нивните напори да бидат што е можно понепредвидливи во борбите со противниците. Инаку и самите џихадисти платиле висока цена за нивните акции, па така во ноември тие загубиле 935 борци, дел од нив во борби, а дел во самоубиствени напади.