Заменикот државен секретар на американскиот Стејт департмент, Џон Саливан, од денеска во следните осум дена, ќе посети повеќе европски метрополи, меѓу кои следната недела ќе престојува и во Скопје.
Заменикот на шефот на американската дипломатија во следните осум дена ќе престојува во Братислава, Виена, Софија, Сараево, Скопје и Варшава.
Саливан во Скопје ќе пристигне на 18 декември (вторник), како највисок функционер на Стејт департментот кој од 2001 година доаѓа во официјална посета на Македонија. Во Скопје планирано е Саливан да разговара за регионалните прашања, но според најавата од Стејт департментот и да ги охрабри македонските власти да продолжат со реформите на земјата и имплементацијата на Договорот од Преспа, од јуни годинава.
За време на својата куса посета на европските дестинации, американскиот заменик шеф на Стејт департментот, исто така, ќе има средби со персоналот во американските амбасади во секоја од овие земји, како и претставници на бизнис заедниците, алумни од американските програми за размена и граѓанското општество.