Џонсон: Ќе го завршиме Брегзит до крај на октомври

Новиот лидер на Конзервативната партија, Борис Џонсон, кој утре од Тереза Меј ќе ја преземе должноста британски премиер, вети дека ќе го заврши процесот за излез на земјата од ЕИ на 31 октомври. Тој го даде своето ветување во победнички говор, по објавата дека на ториевските внатрепартиски избори убедливо го победил актуелниот министер за надворешни работи Џереми Хант, на кого му се заблагодари. Џонсон освои 92.153, наспроти 46.656 гласови за Хант.

– Ќе и донесеме нова енергија на земјата. Ќе го завршиме Брегзит на 31 октомври и ќе ги искористиме сите можности кои тој ќе ги донесе, нагласи идниот британски премиер.

Џонсон, кого медиумите го нарекуваат „Боџо“, по гласањето истакна дека „знае оти некои луѓе ќе го доведат во прашање неговиот избор за премиер“, сепак негова цел е да го спроведе Брегзит, да ја обедини земјата и да го победи лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин.

Тереза Меј утре ќе замине во Бакингемската плата да и ја предаде својата оставка на британската кралица Елизабета Втора, а еден час подоцна кај кралицата ќе пристигне Борис Џонсон, кој од неа официјално ќе го добие премиерскиот мандат.

ЕУ очекува конструктивна соработка со Џонсон.

Шефот на европскиот преговарачки тим за Брегзит, Мишел Барние, изрази надеж за конструктивна соработка со новоименуваниот премиер на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.

-Очекуваме да соработуваме конструктивно со премиерот Борис Џонсон кога ќе стапи на функција, за олеснување на ратификацијата на Спогодбата за повлекување и постигнување уреден Брегзит, напиша Барние на Твитер.

Тој потсети дека, како што се договорија лидерите на 27-те земји членки, ЕУ е подготвена за одредени промени во политичката декларација за идното партнерство меѓу ЕУ и Лондон.

Повеќето политички партии во ЕУ се против ова сценарио и предупредуваат дека тоа „не смее да се дозволи“, како што истакнаа попладнево европските Зелени преку соопштение до медиумите.

Преговорите за Брегзит се во ќор-сокак откако Меј не успеа да добие мнозинство во британскиот парламент за постигнатиот договор со ЕУ. Рокот за Брегзит е 31 октомври, но новоизбраната претседателка на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен, веќе стави на знаење дека не би била против дополнителен рок доколку е оправдано