Џонсон Мети и Џонсон Контролс го билдаат македонскиот извоз

Џонсон Мети и Џонсон Контролс го билдаат македонскиот извоз. Според директорот на ТИРЗ Виктор Мизо, странските компании кои произведуваат во зоните до крајот на годинава ќе остварат извоз во вредност од над една милијарда евра, пишува Лидер.

Џонсон Мети е број еден извозник во Македонија, не само од зоните. Оваа компанија само во месец мај успеала да извезе стоки во вредност од над 90 милиони евра, што е за нив апсолутен рекорд. До крајот на годината Џонсон Мети ќе успее да достигне дури и поголеми резултати за месечен извоз од дури и над 100 милиони евра“, вели Мизо.

Според него, и Џонсон Контролс во Штип која активно работи и има бројка од над 1.300 вработени, значително придонесува за зголемување на домашниот извоз.

„Тоа значи дека оптимумот е достигнат. Да не заборавиме дека тука се и Ван Хул во која работат три од четирите производни линии, па Кемет е веќе стигнат со многу поголемо производство од минатата година, нормално и Џонсон Контролс во Скопје, но дури и Продис и Текнохозе кои можеби од апсолутна гледна точка имаат помали суми на извоз но сепак се многу зголемени во однос на минатата година и сето тоа допринесува за драстично зголемување на извозот од зоните и тоа се резултира на оние резултати кои излегоа дека во првите 4 месеци имаме зголемување од над 15% на вкупниот извоз од државата“, додава Мизо.

Странските компании не само што помогнаа во раздвижување на економијата и намалување на невработеноста, туку ја променија и структурата на извозот.Катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициум, фероникел, производи од железо и челик, облека… ова се најизвезуваните производи од земјава.

И министерот за финансии Зоран Ставрески неодамна потенцираше дека една од покрупните придобвики од доаѓањето на странските инвестиции е зголемувањето на извозот и промената на структурата на извозот бидејќи се освојуваат и нови пазари.

Или пак повеќе се пласира на пазарите како што се Германија и други земји каде што порано многу тешко се пласирале македонски производи. Сега имаме суфицит со Германија значи произведуваме производи, катализатори и друга автомобилска опрема што се користи во германските фирми, а производителите на автомобилските фирми и автомобили и слично“, истакна Ставрески.

Според него, ваквиот тренд покажува дека имаме потенцијал за зголемување на додадената вредност во Македонија, односно да не се извезува само она што е базично производство.

Затоа ние проектираме околу 10 отсто раст на извозот секоја година, верувам дека тоа е дури и конзервативно сценарио, можно е да оствариме и повисок извоз а фирмите што работат во зоните секако во следните година – две ќе придонесуваат за повеќе од една третина од вкупниот македонски извоз“, додаде Ставрески.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.