Џонсон: Успешен референдум е единствениот начин да влезете во НАТО

Американскиот сенатор Рон Џонсон ги повика сите македонски граѓани да излезат да гласаат на референдумот на 30 септември, бидејќи Договорот од Преспа е единствениот начин Македонија да влезе во НАТО.

Сенаторот Џонсон, кој утринава имаше средба со премиерот Зоран Заев во Владата, во неколку наврати повтори колку е важно граѓаните, без разлика дали го поддржуваат договорот или не, да излезат да гласаат и да кажат што мислат за решението на спорот за името што го договорија Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Исклучително важно е за Македонија и Грција да го решат спорот за името. Имаме двајца храбри лидери, двајца премиери, кои се најдоа во тешка позиција. Ние сигурно сакаме да го поддржиме решението на овој проблем и тоа е единствениот начин Македонија да влезе во НАТО. Би сакал Македонија да стане 30. членка на НАТО. Тоа е многу важно за НАТО и за безбедноста на балканскиот регионот и на Македонија. Ги охрабрувам сите Македонци да излезат да гласаат на референдумот, без разлика дали се согласуваат или не со договорот, мора да излезете да гласате и да им покажете на вашите лидери што чувствувате. Неверојатно важно е да излезете да гласате, изјави Џонсон.

Републиканецот од Висконсин е претседавач на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна политика во Сенатот и пред да дојде во Македонија беше и во Грција. Минатиот месец, тој во Сенатот предложи резолуција за поддршка на Договорот од Преспа.

Џонсон по средбата со Заев во Владата предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Џонсон, кој е претседавач на сенатската Комисија за државна безбедност, ќе ги посети и Србија и Косово.