Џошуа ќе ја брани титулата против Поветкин

Светскиот шампион во бокс во тешка категорија во верзијата на ВБА, ИБФ и ВБО, Британецот Ентони Џошуа(28) ќе ги брани титулите на 22 септември на стадионот „Вембли“ во Лондон против Русинот Александар Поветкин (38).
Џошуа со победата во март годинава во Кардиф против Јосиф Паркер од Нов Зеланд ги обедини титулите според трите најценети верзии, а во една од воведните борби пред мечот за титулата Повјеткин го совлада Дејвид Прајс и стана првиот на листата на предизвикувачи според верзијата ВБА.

Поветкин во таа асоцијација ја држеше светската титула од 2011 до 2013, а единствениот професионален пораз го доживеа истата година во Москва од Владимир Кличко.

Џошуа имаше шанса да се бори за обединување на титулата во четирите најпрестижни верзии, но не ја прифати понудата од 50 милиони долари од таборот на актуелниот шампион во ВБЦ верзијата, Американецот Деонтеј Вајлдер да се борат на тлото на САД. Одлуката на тимот на Џошуа беше дека сакаат мечот да биде во Велика Британија.

Британецот е непоразен во 21 професионални борби, а Вајлдер, исто така, е непоразен при што од 40 борби дури 39 завршиле со нокаут.
Ниту еден боксер во тешка категорија во еден момент не бил носител на титулите во сите четири категории.