ДЗР: Партиите најмногу се финансирале од државниот буџет

СДСМ користи нелегални објекти, ВМРО ДПМНЕ има замрзнат имот, ДУИ не евидентира. Државниот ревизор ги објави извештаите за 3 политички партии, кои се однесуваат на 2019-та година. Според нив, владејачката партија користи простории, наследени од претходното раководство, за кои не е решен правниот статус, нема документи за утврдување на сопственоста, не се заведени во Катастарот, ниту пак во сметководствената евиденција на партијата. И покрај укажувањата на ревизорот, партијата се уште не го започнала процесот на легализација. За разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ имаат забрана за користење на дел од просториите на паријата, со што и се забранува да располага или стави под хипотека имот вреден 18,5 милиони евра. Партијата има неподмирени обврски од скоро 5,4 милиони евра, од кои повеќе од половината се постари од 3 години, а за истите не е даден предлог за подмирување. Раководството склучило договори за да плати дел од нив, но не ги испочитувало роковите за плаќање. Токму поради неплатени обврски кон еден доверител, партијата има блокирана сметка и замрзнат имот. Исто така ревизорот открил 271 уметничка слика, во деловните книги заведени во вредност од 388 илјади евра, нарачани од странски автор, но недостасуваат фактури од него, кои согласно договорот требало да се испратат за да се изврши плаќањето.

ДУИ пак пријавувала донации, остварени во претходните години и повисоки од законски пропишаните. Не вршела ниту попис на возилата кои ги користат. Така на пример добиле подарок автомобил вреден над 33 илјади евра, и покрај ограничувањата донациите од физичките лица да не бидат повисоки од 30 просечни плати, додека од правните не повеќе од 60 просечни плати.

Државниот ревизор кај најголемите партии утврдил неправилности во евиденцијата со уплатите од чланарина, кои се уплаќале директно на трансакциска сметка на партијата во вкупен износ, иако законски треба да биде поединечно, од секој член. Затоа препорачува да се преиспита членот од Изборниот законик, кој дозволува финансирање на изборната кампања со пари од сметка на политичката партија.

Главно политичките партии се финансираат со пари од буџетот, за кој ревизијата смета дека треба да се допрецизира, затоа што дозволува политичките кампањи да се финансираат со државни пари.