ДЗС: Лани починале 28.516 лица, од нив 20,6 отсто како последица од Ковид-19

Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Северна Македонија бројот на умрените лица лани е зголемен за 10.7 % во однос на претходната година и изнесува 28.516 умрени лица. Поголем број се од машки пол, и тоа 15.155 или 53.1 % од вкупно умрените лица. Бројот на умрените доенчиња изнесува 85, a нивното учество во вкупниот број на умрени лица изнесува 0.3 % на 100 умрени лица.

Според месецот на смртта, најголем број случаи се во месец април (3.212).

Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 71.6 години, односно 75.2 години кај лицата од женски пол, или за 3.6 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.

Најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем, според МКБ-10 (шифра I00-I99), и тоа во 35.9 % случаи од вкупно умрените, па потоа се случаите кај кои како причина за смрт се јавува пандемијата на КОВИД-19 (шифра U07) со 20.6 %, неоплазмите (шифра C00-D48), и тоа во 13.8 %, со 5.8 % се застапени случаите кај кои причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести (шифра Е00-Е90), со 4.2 % се застапени умрените лица кај кои причина за смрт се болестите на респираторниот систем (шифра Ј00-Ј99), а потоа следат други умрени лица, со помала застапеност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.