ДЗС на средба со државниот врв и со градоначалниците за пописот

Во рамки на тековните активности на Државниот завод за статистика за успешно спроведување на претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите, на 29.01.2021 година, со почеток од 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија, ќе биде организирана работна средба на која се поканети сите градоначалници на општините во нашата држава.

Средбата има за цел информирање и координација со локалната самоуправа со цел непречено организирање на пописот.
На работниот состанок ќе присуствуваат Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Претседателот на Собрание, Талат Џафери и Претседателот на Владата, Зоран Заев, министерот за правда Бојан Маричиќ, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов и директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Пред неколку дена Собранието го изгласа Законот за попис, а потоа и претседателот Стево Пендаровски го потпиша.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на пописот, и смета дека поради пандемијата истиот треба да биде одложен. Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека пописот нема да биде статистичка, туку политичка операција, нешто што СДСМ го демантира.